Светските производители на автомобили коишто се поприсутни на пазарот во САД, во минатата година отпишаа 55 милијарди долари неповратни трошоци, како последица од политиката на Трамп што води кон радикално одвраќање од електричните автомобили, понатаму од ценовната војна во Кина, како и од сменетото расположение на купувачите, во поглед на бројните видови погон што се нудат во Европа.
Европската Унија и Кина, најголем пазар за електрични автомобили (ЕВ) во светот, исто така ги ублажија законите коишто го поттикнуваат преоѓањето на електрични возила.
Во јануари, на светскиот пазар биле регистрирани 1,2 милион нови ЕВ, вклучувајќи ги возилата со приклучен хибриден погон.
Во Кина, бројот на ново регистрирани ЕВ забележал пад од 20 проценти, на помалку од 600.000 возила, што е најниска продажба во последните две години. Во Северна Америка, пазарот на ЕВ назадувал на 33 проценти, со малку над 85.000 нови регистрации. Во САД, во минатиот месец бил забележан најнизок број ново регистрирани ЕВ од почетокот на 2022 година наваму.
Наспроти тоа, во Европа биле регистрирани 24 проценти повеќе ЕВ, што сепак е најбавен раст од минатиот февруари, со вкупно 320.000 нови регистрации.
Тоа се воедно најголемите ЕВ-пазари во светот. На сите останатите пазари, електричните напредувале 92 проценти, со малку под 190.000 возила. Тоа е досега највисока продажба, поттикната со субвенциите во Тајланд и со значително зголемената побарувачка во Јужна Кореја и Бразил.
Аналитичарите понатаму забележаа зголемен извоз на ЕВ од Кина и очекуваат дека извозот ќе ја задржи силната динамика во текот на цела 2026 година, посебно со очекуваниот раст во Југоисточна Азија, каде што се случи голем напредок во изминатите неколку месеци.
Поддржувачите на електрификацијата нагласуваат дека таа е неопходна за да се забави загревањето на Земјата под влијание од емисијата на ЦО2, додека производителите на автомобили предупредуваат дека брзата транзиција ги загрозува работните места и профитот.
















