за

Mercedes S-Class отсега вози и како хибрид

Досег од 100 километри со погон само на струја, пред да се приклучи шестцилиндарецот. Системска моќност од 510 КС за Mercedes S 580 e, преполовен данок на возило во Македонија.

Четвртата генерација на хибридниот погон на Mercedes го доживува своето прво вградување токму во знаменосецот S-Class. Моделот со приклучен хибриден погон е достапен во двете каросериски изведби. Бидејќи станува збор за погонска варијанта за којашто во Македонија се наплаќа половина од редовната висина на данокот на возило, кај Mercedes S 580 e се заштедува колку за еден градски автомобил. Претходно треба да се штеди на уште голем број места, затоа што S 580 е и натаму е во длабоко во шестцифреното подрачје на цени.

Македонскиот увозник Мак Аутостар веќе ги има уредно објавено цените за новите варијанти во гамата на Mercedes S-Class, што деновиве стартуваат со продажба на европскиот, што значи и на македонскиот пазар. Станува збор за Mercedes S 580 e во кого што работи четвртата генерација хибриден погон на куќата. Изведбата со приклучен хибриден погон се нуди во изведба со стандардно и со продолжено меѓуоскино растојание, соодветно со цена од 149.990 евра, односно 156.000 евра за „L“.

Уште една новина во погонската понуда е S 580 4Matic, чијшто погон е изведен како благ хибрид, со познатиот бензински 4.0 V8, со стартер генератор од нова генерација и 48-волтна мрежа. За оваа погонска варијанта нема привилегија да се плаќа само половина од редовната висина на данокот на возило, па моделот соодветно чини 163.990 евра во стандардната, односно 166.990 евра во продолжената изведба S 580 4Matic L.

Има и неколку нови ставки опрема. Од летово за S-Class е достапно активното подвозје E-ACTIVE BODY CONTROL, а се нуди и безбедносна и комфорна опрема што досега беше достапна само за Mercedes-Maybach S-Class. Такви ставки се MBUX-асистентот за задната клупа, како и автоматското доближување на безбедносните ремени назад.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Изведбата со приклучен хибриден погон Mercedes S 580 e располага со електромотор со моќност од 110 kW/150 КС и со полна батерија може реално да мине над 100 километри, без потреба да се вклучи бензинецот. Досегот е двојно подолг во споредба со претходникот. Моторот е шестцилиндарец од 3,0 литри од типот M 256, со моќност од 270 kW/367 КС.

Максималниот вртежен момент на синхрониот електромотор со постојана побуда од 480 њутнметри е достапен буквално од првиот вртеж и тоа му дава посебна динамика на S 580 e. Во електричната програма може да се вози со брзина до 140 km/h. Батеријата е вградена повешто во споредба со претходникот и повеќе нема степеник во багажникот, а може да се добие и отвор за долги предмети

Крстосувачот стандардно располага со сопствен полнач од 11 kW, за приклучување на трифазна струја. Доколку стои на располагање брз полнач, со моќност до 60 kW, тогаш батеријата се полни за триесетина минути.

Новите бои за S-Class се наутички сина металик, дизајнерска кашмир-бела магно, дизајнерска калахари-златна металик и дизајнерска селен-сива магно. Некои од овие лакови чинат и преку 5.000 евра. За средишната конзола може да се нарача варијанта со стаклен изглед.

Посебноста на E-ACTIVE BODY CONTROL е во тоа што освен спречување на секакво задвижување на каросеријата, системот ја подигнува каросеријата при неизбежен страничен судир, за патниците на тој начин да се заштитат подобро и подната структура да ја преземе енергијата на судирот. Системот во германскиот ценовник чини 7.735 евра. Бидејќи за работата на овој систем е неопходна 48-волтна мрежа, тој се нуди само во моделите што располагаат со истата, односно во S 450 4MATIC, S 500 4MATIC и S 580 4MATIC.

Неколку нови опции и функции кај Mercedes S-Class

New photo by Automedia MK / Google Photos
  • Сопственикот може S-Class далечински да го отклучи преку апликација, за да дозволи друг да пристапи до возилото и да го користи вториот клуч што е оставен во возилото.
  • MBUX-асистентот на задната клупа меѓу другото овозможува преку гестикулација да се ракува со завесата назад.
  • Масажата на листовите на нозете за патниците на задната клупа ја поттикнува циркулацијата и спречува замор. Оваа функција е дел од опцијата за „директорски седишта“ во верзијата на S-Class со продолжена каросерија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

pirelli димензии на гуми низ историја

Каучукот и нафтата поскапуваат, цената на гумите ќе расте

Брзите полначи на Tesla ќе можат сите да ги користат