Групацијата Мерцедес-Бенц, во којашто покрај патничките автомобили спаѓаат
и вановите, лани произвела 2.491.600 возила, за 1,5 процент повеќе отколку преклани. Еден од секои пет автомобили е хибрид или електричен.
Токму најпрестижните модели што Штутгарт ги има во својата понуда, најмногу ја зголемија продажбата во минатата година. Мерцедес-Мајбах продаде за 19% повеќе возила, Г-Класа следи со +11 проценти, а Мерцедес-АМГ заокружува со раст од 4 проценти. Сите модели од Топ-Енд сегментот заедно, во последниот квартал од 2023 година напредувале за 17 проценти.
Шефот на групацијата, Ола Келениус, коментира за рекордот: „Нашите топ-енд модели, вклучувајќи ги Мерцедес-Мајбах, Г-Класа и Мерцедес-АМГ во 2023 година ја постигнаа најдобрата продажба досега… годинава ќе ја продолжиме динамиката со електричната Г-класа, со Мерцедес-АМГ ГТ Купе и со нашиот нов еСпринтер.“
Мерцедес-Бенц Карс лани продаде 2.043.800 возила, од коишто 328.200 примероци се од врвните моделски серии. Порасна побарувачката за Мерцедес-Мајбах (+19%), Г-Класа (+11%) и Мерцедес-АМГ (+4%). Од престижниот ван В-Класа и од неговата електрична изведба Е-Ку-Ве се продадоа 60.000 примероци.
Во последниот квартал беа продадени 514.000 патнички автомобили и ванови, вклучувајќи раст од 17 проценти кај моделите од врвните сегменти.
Мерцедес-Мајбах имаше за 19 проценти повеќе клиенти отколку преклани, благодарение главно на високата побарувачка за Мајбах ГЛС и за С-Класа. Во последното тромесечје започна и продажбата на електричниот Е-Ку-Ес на пазарот во САД. Остануваат уште неколку големи пазари за електричниот пандан на С-Класа, што ќе се комплетираат годинава. Во растот од 4 проценти кај АМГ, се вклучени и 76% повеќе возила од понудата на електрични модели со врвни перформанси.
Во главниот сегмент, лани се продадоа 1.096.800 возила (-2%), што се должи на тесните грла во снабдувањето со компоненти, како и генерациската смена кај Е-Класа. Кај бестселерот ГЛЦ беше проблем тоа што недостигаа батерии за 48-волтниот благ хибриден погон. Ц-Класата постигна раст од 10 проценти.
Мерцедес-Мајбах во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Во основниот сегмент беа испорачани 618.800 возила(+4%), за што најмногу заслуга имаат електричните Е-Ку-А (+57%) и Е-Ку-Бе (+109%).
Одлично напредуваат батериските електрични автомобили, со продадени 222.600 возила и раст од 73 проценти. Тоа одговара на удел од 11 проценти во вкупната продажба на Мерцедес-Бенц. Заедно со хибридите, уделот на модели со електрифицирана погонска спрега изнесува 19 проценти.
Електричната лимузина Е-Ку-Е, пандан на Е-Класа, постигна раст од 120 проценти во продажбата. Пазарот во САД регистрираше двојно повеќе електрични возила (+167%). Таму најмногу се бара Е-Ку-Е СУВ.
















