Рено ја спушти цената на електричниот Меган за 10%, се бори против Тесла

Рено лани продаде 18.000 примероци од Меган Е-Тек во Франција, но остана зад Тесла Модел 3 и Модел Ипсилон.

Носечката марка на групацијата Рено притиска на нови модели и на ценовно скусување кај целосно електричниот Меган Е-Тек, за на домашен терен да ѝ се спротивстави на Тесла, открива еден менаџер за продажба.

„Главниот фокус на марката Рено во 2024 година ќе биде враќање во офанзива во електричниот сегмент, каде што во моментов сме втори“, изјави во интервју за Ројтерс, директорот за продажба на Рено во Франција, Иван Сегал.

Рено некогаш беше пионер на пазарот на електрични возила, заедно со партнерскиот Нисан. Сега други марки го презедоа водството.

Наспроти 18.000 примероци од целосно електричниот Меган што се продадоа лани на францускиот пазар, Тесла испорача во Франција 25.000 примероци од својот Модел 3 и уште 37.000 примероци од Модел Ипсилон, со што е лидер.

Противнападот на Рено предвидува лансирање на новиот електричен Сеник, којшто сега е СУВ место ван. Важен новитет во втората половина од годината е градскиот модел со ретро стил, но електричен погон, Р5. Тој ќе ја замени Зои во понудата на Рено.

Рено лани не ѝ се придружи на Тесла, со поевтинување на своите модели. Годинава е поинаку и цената на основниот модел на Меган (со батерија од 40 кВч) во јануари се смали од 38.000 евра, на 34.000 евра, не вклучувајќи ги субвенциите.

Со вклучување на државниот бонус за електрични возила во висина од 5.000 евра, што купувачите на Модел 3 и МГ4 не можат да го искористат, затоа што двата модели се произведуваат во Кина, електричниот Меган станува дури и поевин од кинескиот МГ4.

Меган Е-Тек во исто време се натпреварува и против два електрични модели од концернот Стелантис, Пежо е-308 и Опел Астра Електрик, коишто стартуваа со продажба лани и поскапи се од Рено.

Рено Аустрал со благ хибриден погон беше големо освежување во возниот парк на тест во Аутомедиа лани

Фолкваген исто така неодамна ги скуси цените за своите електрични модели од семејството ИД на неколку европски пазари.

Меган Е-Тек беше лансиран во почетокот на 2022 година, со цена од 35.200 евра за основниот модел со батерија од 40 кВч (постои и изведба со 60 кВч). Во меѓувреме, Рено додаде повеќе стандардна опрема во изведбата со помалата батерија.

„Конкуренцијата во поглед на цените и лизингот е посилна отколку пред неколку месеци и ќе треба да поминат неколку години за пазарот на електрични возила да се стабилизира,“ заклучува Сегал.

Претходна објаваКиа вози со 130 автомобили на Аустралиан Опен
Следна објаваМерцедес ја заврши 2023 по план, рекорди за Мајбах, Г-Класа и АМГ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here