за

Моторот OM 471 вреди половина од камион Mercedes-Benz Actros

Во камионите на Mercedes-Benz од октомври стартува третата генерација на моторот за тешка категорија OM 471.

Потрошувачка намалена за 4%, нов издувен систем што исполнува Euro VIe, оптимирани турбополначи, побрз Powershift и повисок вртежен момент од 7-ми до 12-ти степен, тоа се главните обележја на новата генерација на дизелот OM 471, што е срце на камионите Mercedes-Benz од врвна категорија.

Моќен, издржлив, економичен за одржување и штедлив со горивото, а пак динамичен. Така новоодвоениот огранок Mercedes-Benz Trucks го цени срцето во своите возила. Компаниите имаат големи барања за камионите во своите возни паркови, затоа што со нив заработуваат. Покрај тоа, во време кога има недостиг од возачи е важно да се располага со камиони, со коишто што возачките и возачите уживаат да работат.

Погонската спрега има решавачка улога во камионите, на неа сепак отпаѓаат 50% од вредноста на еден камион Mercedes-Benz. Насловот малку претерува, затоа што моторот, менувачот и оските учествуваат со половина во вредноста на камионот, но и вака не е далеку од вистината. Од октомври, Mercedes-Benz почнува со испорака на третата генерација на својот топ-мотор OM 471.

Компаниите веќе прават нарачки, а испораките ќе стартуваат во октомври. Тоа е најпродаваниот мотор за тешки камиони на Mercedes-Benz, што се вградува во Actros и во Arocs. Новитетите имаат за цел да ја смалат потрошувачката, да обезбедат пониски работни трошоци и повисока заработка, односно сеоди во насока на намалвуање на Total Cost of Ownership (TCO). „Моќноста, возната динамика и комфорот не трпат,“ појаснува Кристоф Мертенс, проект директор за новиот мотор на Daimler Truck.

Подобрена ефикасност преку оптимирано согорување, турбополначи што се конструирани точно за намената и преку намалување на триењето

Третата генерација на OM 471 напредуваше во ефикасноста преку бројни подобрувања, од коишто главните промени се во следните подрачја:

  • Сменета геометријата на влабнувањето во челото на клипот
  • Нова конструкција на вентилите за впрскување
  • Промени во параметрите што се решавачки за размената на гасови во главата на моторот
  • Зголемена компресија на линискиот 6-цилиндарец од 18,3:1 на 20,3:
  • Притисок на впрскување на горивото до 250 бари
New item by Automedia MK / Google Photos

Клучната промена за намалување на потрошувачката кај модерните дизели е оптимирање на турбонатполнењето. Во новиот OM 471 ќе се вградуваат два типа турбополначи од сопствен развој и сопствено производство, што се оптимирани според потребите на клиентите. Во варијантата за оптимирана потрошувачка, нагласокот е ставен на ниската потрошувачка. Таа е наменета првенствено за транспорт на долги релации, со моќност до 476 КС.

Втората варијанта на турбото е развиена со цел да се постигне максимална моќност, вклучувајќи и високо дејство на моторно сопирање. Таа повеќе одговара за градежништво и за тежок товар, со моќност до 530 КС.

Во појдовните и средните степени на моќност на OM 471, заштедата во гориво достигнува до 4%, додека во посилните степени се 3,5 проценти. Секако дека со тоа се смалува е емисијата на СО2.

Намалени загуби од триење и регулација на притисок со нисковискозно масло

Третото важно подрачје е намалување на триењето. За таа цел, во OM 471 се користи нов вентил за регулација на притисокот на моторното масло. Тој се наоѓа во пумпата за масло, пред термостатот. Електричен релеј овозможува вентилот за намалување на притисокот да се вклучува зависно од ситуацијата. Можното намалување на притисокот на масло се пресметува според комплексна матрица, што ги зема предвид сите делови во моторот и нивните посебни барања, како подмачкување или ладење.

New item by Automedia MK / Google Photos

Системот го комплетира ново моторно масло со ниска вискозност, заради намалување на потрошувачката на гориво, без да се скусуваат интервалите на замена на моторното масло или да се зголемува абењето на соодветните компоненти на моторот.

Нова конструкција на системот за пречистување на издувните гасови

Во намалувањето на потрошувачката учествува и комплетно преработениот систем за пречистување на издувните гасови, што е приспособен според промените во согорувањето и контролата на OM 471. Системот го ограничува контрапритисокот и со тоа го зголемува индексот на рамномерност на AdBlue, што понатаму води до подобрена редукција на NOx и намалена потроишувачка на гориво. Со сите зафати сега се исполнуваат и најстрогите норми, како Euro VIe.

Висока возна динамика благодарение на PowerShift Advanced и Top Torque

Во третата генерација на OM 471, инженерите работеа и на динамиката. Новата автоматизирана контрола на менувачот PowerShift Advanced овозможува побрзо и воедно помеко поаѓање и забрзување. Побрзата промена на степените, во горното подрачје го скусува за 40% времето на прекинот на испораката на вртежен момент. Подобрени се и параметрите што се земаат од педалата за гас: Во почетното подрачје на педалата се постигнува попрецизно дозирање на гасот, додека во долната положба на педалот се постигнува подиректна реакција. Се олеснува и минувањето и излегувањето од кружен тек.

Уште една новина кај OM 471 од трета генерација е проширената програма Top-Torque. Таа стои на располагање за степените на моќност од 450 КС и 476 КС, во комбинација со менувач G281. Во степените 7 до 12 во програмата „A Standard“ се испорачуваат дополнителни 200 Nm од коленастото вратило. Оваа зголемена моќност се активира со притискање на копче и истата е корисна, на пример при вклучување на автопат или при престигнување. Посебноста е во тоа што за овој маневар не се троши повеќе гориво.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Opel го прослави роденденот: 160 години иновации

Тоа е новиот Smart #1