Овој Mercedes-Benz ги превезуваше фудбалерите на светското првенство во 1974

Во музејот на Mercedes-Benz се наоѓа еден мошне впечатлив модел, од една страна поради неговата габаритност, од друга поради боите и натписот што го носи. Станува збор за автобус од моделот Mercedes-Benz O 302, со логото WM 74 на светското првенство во фудбал во 1974 година, со натпис BR Deutschland и со графика во боите на германското знаме.

Турнирот се одржуваше од 13-ти јуни до 7-ми јули 1974 година во Западна Германија и во Западен Берлин. Учествуваа 16 нации, на коишто им стоеше на располагање по еден O 302, во државните бои и со името на државата. Не недостигаа и државни знаменца на покривот.

Вратите на автобусот од шампионатот секогаш се отворени за посетителите. Овој модел го претставуваше највисокиот комфор што еден автобус можеше да го понуди во 1970-те години. Седиштата се обложени со материјал во црвено-портокалов тон, а на секое седиште е поставена заштитна навлака за главата. Под комфор, тогаш се подразбираше и пепелник на секое седиште, тоалет во автобусот, па и славина за точење свежо пиво.

Возачот во своето амортизирано седиште врти голем црн волан и го гледа патот до следниот стадион низ широк панорамски ветробран. Капитенот Франц Бекенбауер веројатно отседнувал на совозачкото седиште. Од стерео радио-касетофонот Blaupunkt се слушала песната „Fußball ist unser Leben“ (Фудбалот е нашиот живот), којашто играчите ја снимиле во тонско студио пред турнирот. Тоа е песната што се слуша кога посетителите ќе влезат во автобусот.

https://photos.app.goo.gl/qdAWVBrNmmhEKZFR6

Производството на автобусот O 302 започна во пролетта 1965 година. Моделот ги исполнуваше највисоките барања за брзина, за комфорна амортизација и лесно ракување. Првпат по нарачка се вградуваше клима уред. Сите автобуси од првенството поседуваа клима уред, што можеше да се види и по натписот „Thermo King“ на покривот назад.

До 1976 година, Mercedes-Benz произведе повеќе од 32.000 примероци од O 302. Пневматската амортизација во почетокот се нудеше како опција, а стана стандард во 1971 година. Редниот шестцилиндарски дизел се испорачуваше во дијапазон на моќност меѓу 126 и 240 КС. Наследникот O 303 стартуваше со производство во 1974 година.

https://photos.app.goo.gl/U3C1ca7moADSASK87

Во финалето на 7-ми јули 1974 година, германскиот национален тим играше во Минхен против Холандија. По 25 минути, резултатот беше 1:1. Герд Милер по додавањето од Рајнер Бонхоф го постигна решавачкиот гол. Германија вторпат по 1954 година стана светски шампион.

По турнирот, 16-те автобуси биле користени во редовен превоз, без обележјата од светското првенство. Со текот на времето, автобусите го отслужиле векот. Примерокот во музејот е изработен отпосле и еден е од најпосетените експонати.

А вака звучи O 302

https://photos.app.goo.gl/8DFYxuQZUbSD36Jt5

https://photos.app.goo.gl/qHVXxEW2AkejoDjZ6

https://photos.app.goo.gl/FbcsVWLnsaxcujAU7

https://photos.app.goo.gl/T7DjnCYuKsdK6UD59

https://photos.app.goo.gl/gzLfcJiGXqvgXqsn7

Камионите се подобри олдтајмери

Претходна објаваМис на Франција вози електрично Peugeot е-2008
Следна објаваOpel Astra вози со Златен Волан

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here