Мерцедес-Бенц ја изработи серијата Мерцедес-Мајбах В12 Едишн, како омаж на непроценливото наследство на марката, коешто соединува луксуз, иновации и врвна рачна изработка. Серијата ќе се изработи во само 50 примероци, во чест на традицијата на моторите В12, што во Мајбах влече корени уште од почетокот на 20-от век.
Автомобилот беше прикажан пред важни личности и избрани новинари на настан што се одржа на 23-ти септември, во историскиот замок Микеланџело во Чивитавекија, Италија.
Мајбах е отелотворение на напредна технологија и елеганција, што се приспособени според посебните желби на секој купувач. Вилхелм и Карл Мајбах уште пред повеќе од сто години го поставија кредото: „Да се создаде најдоброто од најдоброто, со трајна вредност, во совршеноста на нова креација“.
Моторот В12 е еден од темелите на марката Мајбах, со традиција што влече корени од раните 1930-ти години. Тогаш беше враден првиот 12-цилиндарец на Мајбах во моделот Цепелин. Овој автомобил е изработуван во најразлични варијанти, според желбите на купувачите.
Инженерот Карл Мајбах имаше цел да користи најнапредна техника, за да постигне врв во моќноста, комфорот во возење и безбедноста. Моторот со зафатнина од 7 или 8 литри, во Целепин постигнуваше моќност до 200 КС, повлекуваше супериорно и достигнуваше брзини до 170 километри на час.
Според Мајбах, В12 Едишн е „лимузински знаменосец, врвот на автомобилската екселенција“. Основа е С 680, кој уште од старт поседува сé. На тоа се додадени електрична помош за задните врати, активен систем за потиснување на звуците, управувана задна оска и активно подвозје што гарантира и динамични возни својства и комфор.
Дигитализацијата не го одминува светот на најлуксузните возила. Секако дека тука работи инфо-забавен систем МБУКС, што учи од корисникот и прикажува на 5 дисплеи, од кои дел користат ОЛЕД-технологија.
Моторот е главен. Тој важи како врв на инженерската умешност, со зафатнина од 5.980 сантиметри кубни и 612 КС, при максимален вртежен момент од 900 њутнметри. Резултатот е спринт до темпо сто за 4,5 секунди.
Зафатите на скапите мајстори на Мануфактур се препознаваат насекаде
Каросеријата е двобојна, во ексклузивните бои што ги има на располагање Мануфактур. Горната половина е Олив металик, долу е Обсидијан црна металик. Двете бои ги соединува тенка црта во сребрена боја. Само за лакирањето се потребни десет денови, двојно повеќе од стандардниот двобоен лак на Мајбах.
Тркалата се во зелената боја на каросеријата. Ексклузивноста ја потврдува амблемот што е поставен на задните столбови. Двојното „М“ на Мајбах е дополнето со медал од хром и злато, со испис 12 во стил на легендарната фигура од маската на Мајбах Цепелин ДС 8. Прстенот околу медалот е од 24-каратно злато. Буквата В во медалот, исто така е златна.
Внатрешноста ѝ припаѓа на напа-кожата, што исто така е во ексклузивна изработка на Мануфактур, заедно со сјајни украсни облоги од корен од ореово дрво, коешто се користи и за воланот. Дрвото се обработува рачно, со часови. Таванот е посебно обложен, а посебна гордост е плочката со бројот на возилото во серијата од 50 автомобили.
Во средишната конзола назад е изработена златна интарзија. Секако дека тука се користи злато, за бројката 12 и за дванаесетте кругови околу неа. За оваа израбока, мајсторите посветуваат седум денови.
Секој В12 Едишн се испорачува заедно со посребрени чаши за шампањ од Робе и Беркинг, со специјална гравура, потоа рачно изработена кутија за клуч и приврзок.















