
Купувачите на најскапите модели на Мерцедес неретко бараат возилото да им биде изработено по посебна нарачка. Тоа може да биде рачно шиена кожена перница за С-Класа во верзија на Мајбах, везено лого АМГ на патосниците на Г-Класа или специјална боја магно со мат изглед.
За да може подобро да излезе во пресрет на барањата на своите клиенти, Мерцедес го прошири обемот на работа на својата мануфактура. Место 500 возила за една година, сега ќе може до 5.000 возила да се изработат по посебна нарачка на клиентите.
Мерцедес при пуштањето во продажба на новата генерација на Г-Класа во 2018 година воведе систематска персонализација. Денес дури 90 проценти од култниот теренец се опремуваат со најмалку една ставка од понудата на Мануфактур. Тоа може да биде и дрвен волан, скапа напа кожа или гравиран семеен грб.
Од вкупно 328.000 возила од врвната понуда на Мерцедес, што беа испорачани во минатата година, секое трето возило било облагородено со ставка од специјалната понуда на Мануфактур. Потенцијалот за работа е огромен.
Само за доработката на еден волан се потребни повеќе часови
Откако клиентите ќе ја извршат конфигурацијата на возилото по своја желба во Сентер оф Екселенс во седиштето во Зинделфинген, во мануфактурата се изработуваат одделните компоненти за возилото. Тука работат околу 200 врвни мајстори за изработка на ентериер, што во најголемиот дел имаат поминато посебна обука токму во Мерцедес.

Тие до најситен детал ја проверуваат кожата, ако има ситни убоди од комарци, за потоа соодветно да се искрои кожата и тие места да се избегнат. Најважни се прецизноста и вештината на рачната изработка. Како пример за тоа, само рачното шиење на кожена облога на воланот трае неколку часови.
Вградување во студиото на Мануфактур
Во новото Мануфактур-Студио може да се гледа како возилото се облагородува со специјални компоненти. Таму работат околу 150 лица. Деловите од возилото што треба да се заменат, доаѓаат во форма на „дами“, колку да се сочува формата.
Овие делови потоа се отстрануваат и се вградуваат деловите што се нарачани по посебна желба. Деловите што ќе се отстранат се враќаат во фабрика и се корисат за друго возило, за да се избегне создавање отпад.

До 20 возила на ден
Компјутерска програма со помош на вештачка интелигенција изработува ефикасен план за работа и го планира снабдувањето со потребните алати и материјали. До секое работно место доаѓаат роботизирани транспортери.
Дневно може да се изработат по 20 специјални возила. „Комбинираме традиционално занаетчиско умеење со иновативни, дигитални производствени процеси“, кажува шефот за производство Јерг Бурцер.

Само една желба останала неисполнета
Обично се исполнуваат сите желби на клиентите, почнувајќи од скап држачи за пура, преку сребрени чаши за шампањ, до меко обложена преграда пред совозачот. „Единствената желба што моравме да ја одбиеме беше место за слетување сокол на покривот на С-Класа“, раскажуваат во Зинделфинген, преградие на Штутгарт.
Најголем пазар за индивидуални барања се САД, со удел од 40 проценти, потоа следат Кина, Јужна Кореја и секако арапскиот полуостров. Германија учествува со помалку од десет проценти.
Големо значење за приходот и добивката
Понудата на Мануфактур не само што служи за стекнување верни клиенти и за имиџот на марката, туку главното е што носи пари. „Зборуваме за значителен придонес за добивката и би сакале тоа да продолжи да расте,“ кажува Бурцер.
Се цени дека сумата што може да се постигне со новите опции, ќе достигне трицифрена милионска вредност, Мерцедес Мајбах С-Класа 580, на пример, што во основната изведба чини 170.000 евра, доколку се опреми целосно со ставките на Мануфактур, ќе вреди над 300.000 евра.
Посебно се внимава на ефикасноста во логистиката. Тоа значи, нема смисол Маубах Е Ку С СУВ што е произведен во фабриката во Таскалуза, САД, да се качува на брод во Германија и таму да се вградат ставките на Мануфактур. Место тоа, деловите се испраќаат во САД, каде што ќе се изврши испораката на возилото.
Во Мерцедес би биле среќни кога дел од работите во Мануфактур би можеле да се вршат кај добавувачите во странство. „Но, таков вид експертиза не постои на друго место“, кажува Бурцер.















