
Како дел од својата стратегија за декарбонизација, ЕУ по 2035 година ќе дозволи да се издаваат нови регистрации само за автомобили со нулта емисија. Со тој чекор, во Унијата повеќе не ќе може да се продаваат автомобили со бензински и дизел мотор.
Во втората половина од годинава престои ревизија на тој план. Критичарите укажуваат дека тоа ќе им нанесе штета на европските производители на автомобили, што веќе се соочуваат со забавена побарувачка, а на тоа се надоврзуваат силната конкуренција од Кина и слабата продажба на електрични возила.
„Треба да се соочиме со реалноста. Во спротивно, возиме со полна брзина во ѕид“, кажа Калениус, кој е воедно и претседател на европското здружение на производители на автомобили АЦЕА.
Европскиот автомобилски пазар би можел да „колабира“ доколку остане забраната, кажа Калениус во интервју што на 11-ти август беше објавено во германскиот економски дневник Ханделсблат.
Тој кажа дека купувачите едноставно ќе се залетаат да купат автомобили со бензински или дизел мотор пред да стапи на сила забраната.
Видеото од кусата проба на електрична Г-Класа во Мак Аутостар
Калениус препорачува место тоа да се воведат даночни олеснувања и поевтина струја на станиците за полнење, што ќе ги охрабрат луѓето да се префрлат на електрични возила.
„Секако дека треба да се декарбонизираме, но тоа мора да се направи на начин што е неутрален во поглед на технологиите. „Не смееме да ја изгубиме од вид нашата економија,“ кажа Калениус.















