Новата основна моделска изведба во семејството на СУВ-моделите од средната класа на Мерцедес-Бенц, ГЛЦ и ГЛЦ Купе, ја носи ознаката 200 д 4Матик, со дволитарски дизел со 163 КС, изведен како благ хибрид, со потрошувачка од 5,1 литри. Погонот на сите тркала е стандард исто како кај посилниот 220 д што досега го одбележуваше почетокот на понудата. Е 200 д 4Матик ја приближува и лимузината од вишата класа.
Штутгарт почна со нарачки за новите основни модели во гамата на ГЛЦ и ГЛЦ Купе. Од следната седмица почнуваат и нарачките за новите мотори во Е-Класа, во лимузинска и комби изведба.
Мерцедес-Бенц ГЛЦ 200 д 4Матик, новиот основен модел во гамата на СУВ-моделот од средна класа, во Германија почнува од 53.743,73 евра, што е за околу седум проценти под цената на 220 д 4Матик, што досега стоеше на почетокот на ценовникот во Германија, со 57.750,70 евра.
Со дволитарски дизел со 163 КС, ГЛЦ 200 д 4Матик спринтува за 8,9 секунди и постигнува 208 км/ч. За споредба, 220 д 4Матик со 197 КС спринтува за 8 секунди и брз е 219 километри на час. Двете изведби се благи хибриди, со 48-волтен стартер-генератор што ја качува системската моќност на 186, односно 220 КС. Во купе изведбата, ГЛЦ сега почнува во Германија од 57.540,78 евра.

Истиот зафат важи и за иконскиот модел на Мерцедес, за Е-Класа. Од 29-ти октомври, почетокот во понудата на моделот им припаѓа на Е 200 д, со цена од 55.370,70 евра во лимузинската и Е 200 д во комби изведбата Т-Модел, со цена од 57.719,76 евра. Лимузината прикажува можне убедлив податок за просечната потрошувачка, што зависно од изведбата се движи меѓу 4,7 и 5,4 литри.
Новина се и специјалните серии Едишн во гамата на ГЛЦ и Е-Класа
Со тековните промени во политиката на опремување, ГЛЦ стандардно доаѓа во изведба Авангард, со големи дисплеи, поврзување со телефон и безжично полнење, како и грејачи во предните седишта. Со пониска цена, отколку при одделно нарачување на ставките, Штутгарт ги нуди специјалните серии ГЛЦ 200 д 4Матик и неговата купе изведба, насловени како Едишн Авангард (+2.040 евра од стандардниот модел во Германија) и Едишн АМГ Линија (+5.360 евра од ст. модел). Моделите од оваа серија доаѓаат со пакет Авангард Адвансед Плус, односно АМГ Линија Адвансед Плус, а на тоа следат уште камера во 360 степени и радарски темпомат Дистроник. На тоа може да се нарачаат и други ставки по желба.
Истото важи и за Е-Класа Едишн Авангард и Едишн АМГ Линија. Во специјалната серија по подостапна цена се добиваат дигитални светла, најнова генерација на МБУС со унапредена реалност и камери во 360 степени.
















