Неодамна лансираниот Mercedes A-Class е само појдовна точка за големото моделско семејство коешто ќе се состои од осум различни каросериски изведби. Комплетно нова моделска верзија е GLB, со повеќе теренски гени отколку GLA и со стил поблизок до G-Class
Разновидноста на понудата од модели со знакот на Mercedes во компакт класата е сé освен скромна. Покрај класичната комбилимузина со пет врати A-Class, се нудат стилската купе-лимузина CLA и нејзината комби варијанта CLA Shooting Brake, на тоа се надоврзува ванот B-Class, а има и кросовер GLA.
Во новата генерација модели од компакт класата која штотуку ја стартуваше A-Class (W177), Mercedes сепак ќе ја прошири понудата на вкупно осум различни верзии. Уште се шпекулира околу осмата каросериска верзија.
Во Кина неодамна беше претставена лимузинската верзија од A-Class, поточно имаше премиера локалната изведба со продолжено меѓуоскино растојание. На останатите пазари ќе се нуди обичната изведба. Тоа е шестата верзија во гамата. Сосем е извесно дека следниот нов член ќе биде GLB. Засега моделот постои за јавноста само на маскирани тест-прототипи и компјутерски ретуши.
Mercedes GLB ќе биде позициониран над идниот GLA, но главниот адут ќе му биде кутиестиот дизајн во стил на теренската легенда G-Class. Вишок модели во СУВ-сегментот не може да постои. Побарувачката расте колку што можат да понудат производителите.
Стана густа конкуренцијата во сегментот на компактните СУВ-модели. BMW веќе реагираше и на X1 му ја придружи стилската верзија X2, од истата групација пристига и Mini Countryman, Швеѓаните го нудат новиот Volvo XC40, па дури и Jaguar е присутен со E-Pace. Традиционално, сегментот го заокружува Audi, исто така со два модела, Q2 и Q3.
Детали во стил на G-Class ќе бидат исправениот ветробран, строго хоризонталната линија на хаубата и рамниот покрив. Предните и задните светла ќе го следат примерот од A-Class, а истото ќе важи и за внатрешноста. Големите дисплеи и иновативниот систем за ракување MBUX сигурно ќе се нудат и во GLB-Class. Кабината ќе нуди повеќе простор за патници, вклучувајќи и значително поголема ширина во споредба со GLA, а соодветно повеќе простор ќе стои на располагање и во багажникот. Дополително ќе се нуди и верзија со трет ред седишта, како одговор на Active Tourer од серијата 2 на BMW.
Заедно со платформата од A-Class во новиот компактен теренец на Mercedes пристигаат и моторите. На почетокот ќе се нуди GLB 200 со 1,3-литарскиот бензинец, којшто во меѓувреме се вградува и кај францускиот партнер, во Renault Scenic. Послаба верзија со околу 110 КС веројатно нема да е нуди во GLB. Второто скалило ќе биде GLB 250, со дволитарски турбо со 224 КС. Дизел мотори секако дека нема да отсуствуваат, исто како и верзија на AMG.
За електричниот погон во Mercedes е задолжена посебната подмарка EQ, којашто го подготвува EQA како модел во компактниот сегмент. Електрификацијата кај GLB ќе се сведе на благ хибриден погон, со 48-волтна мрежа и стартер-генератор.
Премиерата на Mercedes GLB може да се очекува веќе во првата половина од следната година.


















