Електричната верзија на Kia Niro има премиера на салонот во Пусан. Кросоверот со погон на струја постигнува досег до 380 километри и стартува со продажба во Кореја веќе годинава, за потоа да следи комерцијализација и на главните светски пазари за електричниот погон
Kia веќе го претставува својот втор модел со погон на струја за светскиот пазар, Niro EV, кој продолжува по стапките на Soul EV. Неколку детали во надворешниот дизајн го издвојуваат Kia Niro EV од верзиите со хибриден и плагин-хибриден погон, нагласувајќи дека станува збор за автомобил што вози чисто на струја.
Разликите продолжуваат и во внатрешноста, со поедноставена средишна контрола и со ротирачки бирач на погонот, што е првпат во Kia. Новитет е заднинското осветлување на конзолата, со избор на шест бои. Дисплејот од 7 инчи ги прикажува најблиските станици за полнење и наполнетоста набатеријата. Дигиталната инструмент табла исто така е специфична за Kia Niro EV.
Литиум-јонската батерија со капацитет од 64 киловатчасови испорачува енергија за 380 километри. На брз полнач со 100 kW, полнењето на батеријата трае помалку од еден час до 80 проценти. Постои и поевтина изведба, со батерија со капацитет од 39,2 kWh, со којашто досегот се скусува на 240 километри.
Kia ветува динамични возни својства поради ниското тежиште на кросоверот
Погонскиот електромотор располага со моќност од 204 КС и вртежен момент од 395 Nm. Спринтот до темпо сто трае 7,8 секунди. Батеријата е вградена во подот на багажникот, што придонесува тежиштето да биде пониско отколку кај споредливите модели со обичен погон. Според Kia, кросоверот располага со динамични возни својства, коишто во одреден дел произлегуваат и од „ниската“ батерија.
Повеќе системи за асистенција следуваат како стандард во електричниот Niro, вклучувајќи и автономно возење од второ ниво. Тоа значи дека кросоверот на Kia може самостојно да го одржува растојанието од возилата пред него, да забрзува и да запира, како и да ја следи лентата со коригирање на правецот, во брзинско подрачје меѓу 0 и 130 километри на час.
Kia прикажува вкупно 22 модели на салонот во Пусан. Покрај Kia Niro EV се изложени и SP Concept и Stinger GT Wide Body. Посетителите можат да го користат и симулаторот на возење со функциите на автономно возење на електричниот Niro.

















