Преку 1.000 работни места се отвораат во новата фабрика за мотори на Mercedes во Полска
Во полскиот Јавор привршуваат градежните работи на новата фабрика во којашто Mercedes ќе ги произведува своите мотори. Во меѓувреме двојно се зголеми бројот на работни места, идната хајтек-фабрика ќе вработува повеќе од 1.000 лица. Причината за ова удвојување е зголемената побарувачка за модели со четирицилиндарски мотори. Повеќето погодуваат, сé повеќе купувачи се откажуваат од големите шест или осумцилиндарци и преоѓаат на хибриден погон.
Како што веќе објавивме, понудата од хибридни модели ги покрива речиси сите класи и сегменти на Mercedes. Моментно се става голем акцент на таканаречениот благ хибрид, со 48-волтна мрежа и стартер-генератор, а во посилните и поскапи модели дополнително и со електрично задвижуван компресор.
Фабриката ќе се снабдува со струја којашто целосно се добива од обновлива енергија. За греењето исто така ќе се користат обновливи извори, на пример пелети. Повеќе од 600 сензори ја следат потребата од енергија, со цел да се оптимизира потрошувачката.
Како процеси од Индустрија 4.0 ќе се користат дигитално управување со производството, роботизирани транспортни системи и систем за управување со информациите во реално време. Планирани се и проширена реалност и Big Data Analysis, како помош на работниците и како систем за рано откривање на дефектите и пречките.
Моментно на локацијата работат околу 900 градежници. Се очекува фабриката да стартува со производство веќе во 2019 година. Површината под хали опфаќа 180.000 метри квадратни, а целата локација покрива 50 хектари.
Mercedes е најпродавана премиум марка во Полска. Лани во најмногу примероци се имаат продадено GLC, E-Class, A-Class и GLA. Продажбата бележи двоцифрен пораст во континуитет од 2013 година.