за

Не само илјада, туку рекордни илјада и 202 km со електричниот Mercedes-Benz Vision EQXX

Светот е во еуфорија од електричниот погон. Без чип-криза и топови, еуфоријата ќе беше уште поголема. Мercedes-Benz е обврзан да се докаже и во електромобилноста, па затоа нивниот концептен Vision EQXX постигна рекордни 1.202 километри досег.

Најефикасниот автомобил на Mercedes-Benz на сите времиња докажа, дека е уште поефикасен од тоа што светот од претходно го знае за овој автомобил. Концептниот Vision EQXX во април совлада растојание од преку 1.000 километри од Штутгарт до Касис, Франција, во вистински сообраќај. Тој рекорд веќе застаре. Истиот автомобил сега мина 1.202 километри од Штутгарт до Силверстоун, во Велика Британија, без батеријата да се дополнува по пат.

Концептниот Mercedes-Benz Vision EQXX по поаѓањето од „домот“ во Штутгарт, ја мина француската граница во близина на Страсбур и со автопатска брзина ја мина северна Франција. Од Кале, скапоцениот техно-прототип продолжи на воз низ Еуротунелот. Понатамошното возење низ Британија вклучуваше соочување со метежот по М25 околу Лондон. Попатно одредиште беше посета на тимот на Mercedes-Benz Grand Prix во Бракли. Целта беше на тој начин да се укаже на врската со Формула 1 и Формула Е, како спортови во коишто се развиваше и усовршуваше техниката на електричниот EQXX.

Конечното одредиште беше Силверстоун, каде што зад воланот на Vision EQXX седна Ник де Врис, актуелен возач во тимот на Mercedes-EQ Formula E. Холанѓанецот извозе брз круг по култната тркачка патека. Релативно брз, затоа што крајната брзина на техно-прототипот е ограниечна на 140 km/h, за што секако дека постои причина во концептот на бесценетиот прототип.

Де Врис извозе 11 кругови и влезе во боксовите да ја дотроши батеријата. За целиот потфат, просечната потрошувачка изнесува 8,3 kWh/100 km. Инженерите посочуваат дека голем дел од супериорноста на електричниот погон на VISION EQXX се темели на вешто промисленото управување со топлинската енергија во возилото.

До 2030 година, Mercedes-Benz, секаде каде што тоа го дозволуваат пазарните услови, ќе биде целосно електрична марка. Затоа е важно на светот да му се покаже, што може да се постигне со спој од врвна технологија, тимска работа и решеност

Маркус Шефер, член на управниот одбор на Mercedes-Benz Group AG и директор за технологија, со одговорност за развој и набавки

New item by Automedia MK / Google Photos

При априлското возење, VISION EQXX извозе 1.008 километри и по пристигањето имаше енергија за уште 140 километри. Во температурна рамка меѓуи три и 18 степени Целсиузови, беше постигнат просек од 8,7 kWh/100 km. На инженерите им беше јасно дека рекордот можеше да биде уште повисок.

New item by Automedia MK / Google Photos

Посебното управување со топлината, на коешто толку посочуваат техничарите, се однесува на увежбаната соиграност на каналите за воздух, на вентилите за средството за ладење и на пумпите. На тој начин се постигнува температурна рамнотежа во електричната погонска единица, со минимална потрошувачка на енергија. Водухот што струи под возилото, на пример, се користи за ладење на погонот. Само тоа го продолжува досегот за 2 проценти.

На возењето долго 14 часа и 30 минути, клима уредот бил вклучен малку подолго од осум часови. Неговата потрошувачка одвај дека придонела за скусување на досегот.

Симболиката со Силверстоун е во тоа што во 1950 година, таму се одржала првата трка во Формула 1

По преноќувањето, VISION EQXX викендов ќе вози на прочуената ридска трка во рамките на Фестивалот на Брзината во Гудвуд. Покрај електричниот автомобил на иднината, на британската патека ќе возат уште бројни модели на Mercedes-Benz, од сите временски периоди.

VISION EQXX: Патниот дневник низ бројки

Старт

Штутгарт-Унтертиркхајм, 21 јуни 2022, 08:15

Пристигање

Силверстоун, 22 јуни 2022, 18:02 (BST)

Рута

Унтертиркхајм, Ремс, Кале, Бракли

Должина на рута

1.202 километри

Време во возење (вкупно два дена)

14 часа и 30 минути

Просечна брзина

83 km/h

Највисока брзина

140 km/h

Просечна потрошувачка

8,3 kWh pro 100 km

New item by Automedia MK / Google Photos

VISION EQXX: Најважните технички податоци

Енергетски капацитет на батерија kWh < 100

Номинален напон Volt (V) > 900

Потрошувачка kWh/100 km (милји/kWh) 8,3 (7,5)

cw-вредност 0,17

Челна површина m² 2,12

Моќност kW 180

Меѓуоскино растојание mm 2.800

Должина / Ширина / Висина mm 4.975/1.870/1.348

Тежина на празно возило kg 1.755

Mercedes EQXX за 100 km троши колку домашна клима за 3 часа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески Great Wall Motor во мај продал над 80.000 возила

Денес е на струја: Погоните се менуваат, Fiat 500 останува