за

Утре е премиерата на Mercedes EQS SUV, дизајнер е Славче Таневски

Утре точно на пладне е светската премиера на EQS SUV, првиот СУВ-модел на Mercedes-EQ што користи сопствена платформа.

Големиот теренец на батерија е следен во низата ексклузивни модели од Штутгарт чијшто изглед е дизајниран од македонскиот дизајнер во Mercedes-Benz Cars, Славче Таневски, по родстерот AMG SL. Основата од EQS SUV ќе се користи и за Mercedes-Maybach EQS, првиот електричен модел на благородничката марка.

Гамата електрични модели на Mercedes-EQ од утре ќе добие нов член. По луксузната лимузина EQS, по бизнис крстосувачот EQE, следен е првиот СУВ-модел што е конструиран врз наменската платформа за електрични модели на Mercedes-Benz Cars, седумседот EQS SUV. Аналогно на паралелата меѓу S-Class и EQS, така и новиот EQS SUV е позициониран исто како престижниот GLS.

Тоа што дополнително претставува тема на интерес е името на дизајнерот. Славче Таневски е дизајнер на клучниот модел во електричната стратегија на Mercedes-Benz Cars. Луксузниот EQS SUV се појави пред светот уште есеноска, во форма на Concept Mercedes-Maybach EQS. Како што неодамна дознавме од Таневски, дизајнот на серискиот модел незначително ќе се разликува од концептот. Првиот електричен автомобил во историјата на Maybach беше претставен лани на салонот ИАА во Минхен, кадешто и публиката имаше можност да се запознае и да разговара со Славче Таневски.

Сите детали ќе бидат познати утре на онлајн-премиерата во 12 часот. Во меѓувреме и сцената почна повторно да пројавува интерес за дизајните под сребрената ѕвезда, па на инстаграм, и потоа на останатите друштвени мрежи, се појавија шпиунски фотографии од EQS SUV, уште десетина денови пред премиерата. За тоа нескромно ќе коментираме дека заслуга има и AMG SL, уште еден модел што е дизајниран од Македонецот кој лани одбележа десет години работа во марката од Штутгарт. Очекуваме и разговор со Славче Таневски во деновите по премиерата. Уште еднаш, честито маестро Таневски!

Славче Таневски: „Убавината на мојата работа е што можам да ги менувам световите во кои се наоѓам“

 

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Фабриките на Toyota во Јапонија во мај ќе мируваат најмногу шест денови

Kia Sportage во Кореја со раст од 525%, Hyundai ја губи трката