Претпријатието за јавен превоз Рајн-Некар-Феркер ГмбХ ќе биде запишано во историјата како прв корисник на зглобните автобуси со целосно електричен погон Мерцедес-Бенц еЦитаро Г Фјул Сел, коишто користат водородна горивна ќелија заради продолжување на досегот.
Компанија за јавен превоз во германските градови Манхајм и Хајделберг, во регионот на Рајна, ги доби првите три од вкупно 48 автобуси Мерцедес-Бенц еЦитаро Г Фјул Сел. Со комбинација од батерија НМЦ3 со високи перформанси и горивна ќелија, досегот на автобусите се продолжува до 400 километри. Тоа се првите автобуси во светот, со ваков вид на погон.
Свеченото предавање на првите три од вкупно 48 батериски-водородни автобуси Мерцедес-Бенц еЦитаро Г Фјул Сел се одржа во четвртокот во депото на компанијата Рајн-Некар-Феркер ГмбХ (кусо рнв) во Хајделберг. На настанот присуствуваше и државниот секретар од министерството за животна средина, клима и енергетика на сојузната покраина Баден-Виртемберг, др. Андре Бауман.
Тил Обервердер, извршен директор на Дајмлер Автобуси: „Горди сме на долгогодишната соработка со Рајн-Некар-Феркер ГмбХ, што се манифестира со денешното предавање на првите Мерцедес-Бенц еЦитаро Г Фјул Сел. Местото на раѓање и производство на нашите градски автобуси и седиштето на фирмата рнв во Манхајм се тесно поврзани меѓусебно, и тоа прави ова место во регионот на Рајна-Некар да биде уште поважно за двете компании.“
До средината на 2025 година е планирано да заврши испораката на преостанатите 45 примероци од зглобниот автобус еЦитаро. Четириесет автобуси ќе сообраќаат на редовни градски линии во Манхајм и Хајделберг. Останатите осум автобуси ќе се користат за превоз во Лудвигсхафен на Рајна.
По потреба, можно е нарачката да се дополни со уште 27 автобуси од истиот вид, до 2027 година. Со тоа, рнв ќе има вкупно 75 целосно електрични зглобни автобуси од Дајмлер со горивна ќелија во својот возен парк.
Планот е рнв до 2032 година да располага со целосно електричен возен парк. Преоѓањето кон превоз со нулта емисија на штетни материи почна во 2018 година, со првите 36 автобуси еЦитаро со електричен погон.
Батерии НМЦ3 и горивна ќелија за досег до 400 километри
Тривратните електрични зглобни автобуси со горивна ќелија како продолжувач на досегот располагаат со четири батериски пакети со литиум јон батерии од последната генерација (НМЦ3), со вкупен капацитет од 392 киловатчасови по возило.
Дополнително на покривот на автобусите се поставени шест боци со водород со капацитет од по пет килограми. Со водородот се напојуваат горивните ќелии со моќност од 60 киловати.
Погонски се средната и задната оска. За погонот се задолжени две нископодни портални оски со електромотори што се поставени блиску до самите тркала. Нивната моќност изнесува по 250 киловати.
До секое тркало се пренесуваат 494 њутнметри вртежен момент, односно 141 киловат. Од тоа преку фиксен преносен однос произлегува запрепастувачки вртежен момент од 11.000 њутнметри по тркало.
За полнењето на батериите се наменети 30 станици со електрични полначи, како и две станици за водород. Моќноста на полначите изнесува 150 киловати, а што се однесува до водородот, тој се полни под притисок од 350 бари.
Дајмлер Автобуси од 2018 година веќе има произведено повеќе од 1.000 електрични автобуси еЦитаро.
Рајн-Некар-Феркер ГмбХ врши превоз на линии со вкупна должина од 860 километри, вклучувајќи и шинобуси. Возниот парк се состои од 250 автобуси и 190 шинобуси. Во 2022 година биле превезни 145 милиони патници.
















