за

Шест е исто со осум вели Мерцедес: Новиот Е 53 АМГ силен исто колку стариот Е 63 АМГ

Со 612 КС, новиот Е 53 АМГ со 6 цилиндри има исто толку коњски сили колку Е 63 со 8 цилиндри од претходната генерација. Тоа е јасна порака.

Кога Афалтербах летово ќе почне да го испорачува својот нов Мерцедес-АМГ Е 53, под хаубата ќе работат два цилиндри помалку, отколку во претходникот Е 63. А, силата им е иста.

Елитата во сообраќајот до работа и од работа, мора да го издржи ова. Токму спортската марка на Мерцедес, АМГ, прави отстапка кај својот автомобил поради којшто е измислен поимот бизнис-бомбер, во насока на политичка коректност.

Кога новата Е-Класа на лето ќе ја добие својата спортска изведба од Афалтербах, во лимузинската и во комби изведбата, таа повеќе нема да вози со омилениот мотор Ве-8, туку ќе мора да се задоволи со шест цилиндри и со ознака Е 53. замената за двата цилиндри доаѓа во форма на електромотор. Трилитарскиот 6-цилиндарец работи во комбинација на приклучен хибрид.

На хартија не се менува ништо. Шестцилиндарецот сервира 449 КС, електромоторот 163 КС, што заедно дава 585 КС (моќноста не се собира едноставно), односно 612 КС при старт. Тоа е истата моќност како кај стариот Е 63. Вртежниот момент достига максимум од 750 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 3,8 секунди. Ако се држи полна гас, брзината ќе достигне 280 километри на час.

Брзите возачи ќе имаат барем чиста совест, затоа што нивната потентна лимузина во најдобар случај ќе може да помине повеќе од 100 километри чисто на струја. А, ако некој најде забелешка за тоа што моторот има шест, место осум цилиндри, како одбрана ќе послужи смешно ниската потрошувачка на гориво.

Според норма, Е 53 АМГ троши 0,81 литар бензин и испушта 18 грами ЦО2 на километар. Доколку возачите имаат намера често да возат на струја, тогаш ќе им биде од голема користи тоа што техниката дозволува користење брзи полначи со моќност до 60 кВ. Тоа значи дека батериојата од 30 кВч ќе се наполни до 80% за само дваесетина минути.

Погонот е само едната страна на медалата. Другата страна е изгледот и сатисфакцијата. АМГ внесе прилично мускули во бизнис костумот на Е-класата. Хаубата оддава моќност, носот изгледа агресивно, назад има малечок спојлер, проширените крила завршуваат точно во линија со широките тркала.

Секако и внатрешноста е обработена пригодно, со контурирани седишта, многу карбон, кожа и грб на АМГ, нов волан и агресивни анимации на големите дисплеи.

За цената би требало да се очекуаат најмалку 130.000 евра, според германскиот ценовник.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

БМВ со Икс 2 прави техно-скок назад во 1970-те

Несудената марка тетовски електрични автомобили банкротираше вторпат