за

Несудената марка тетовски електрични автомобили банкротираше вторпат

Германскиот производител на електрични автомобили е.Го Мобиле СЕ повеќе не може да ги подмири трошоците и повторно објави стечај.

Несудениот производител од Ахен, чијшто електрични автомобили требаше да се произведуваат во несудената фабрика во Тетово, по вторпат доби стечаен управник, кој ќе има задача да ги провери сите можности за компанијата да се санира. Изгледите за тоа се минимални.

Пионерот на електричните автомобили е.Го Мобиле СЕ од Ахен по 2020 година повторно објавува стечај. Во соопштение испратено до СЕЦ-комисијата за надзор на берзата во САД, компанијата како причини наведува „неповолна пазарна средина“, „предизвици во индустријата на електрични возила“ и „волатилност на пазарот на капитал“.

Компанијата уште во петокот поднела налог за отпочнување со стечајна постапка кај надлежниот суд во Ахен. Во прашање е судбината на 320 вработени.

Холандската компанија-мајка Некст е.Го НВ, како и други посестрински компании „наскоро“ ќе бидат присилени да објават стечај, објаснуваат од компанијата во соопштението до берзанската комисија СЕЦ.

За привремен стечаен управник е назначен Клаус Петер Крут од канцеларијата АндресПартнер. Крут соопшти дека ќе ги провери сите можности за санирање на компанијата. Неизвесно е дали компанијата ќе продолжи да опстојува.

Првата стечајна постапка беше објавена во 2020 година

Во јануари лани, е.Го учествуваше на салонот на потрошувачка електроника и технологија ЦЕС во Лас Вегас, каде што го претстави својот нов модел е-вејв Икс. За автомобилот сепак не се јави ниту еден заинтересиран купувач. Според тоа што го наведува самата компанија, повеќе не можело да се обезбеди свеж капитал за финансирање на понатамошната работа.

Уште во јули 2020 година беше објавен првиот стечај на е.Го. Тогаш компанијата успеа да се спаси под сопствена упрва. Како инвеститор се јави НД Индустријал БВ, интернационална компанија во приватна сопственост со разни активности. НД Груп меѓу другото е извршител на услуги за НАТО.

Соосновачот на е.Го, професорот Гинтер Шу, во 2021 година целосно се повлече од е.ГО. Тој во почетокот на јануари повторно ја презеде компанијата за електрични товарни возила Стритскутер, во чиешто основање тој исто така учествуваше. Претходниот сопственик Ноб кусо пред тоа објави стечај. За разлика од е.Го, Стритскутер има добиено голем налог за 700 до 820 возила за ДХЛ Груп. Шу е убеден дека компанијата има сигурна иднина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шест е исто со осум вели Мерцедес: Новиот Е 53 АМГ силен исто колку стариот Е 63 АМГ

Порше има нова верзија на Тајкан и уште еден рекорд