Тоа е денешниот автомобилски свет, полн изненадувања. Во ценовникот на Мак Аутостар, на класичарите на Mercedes може да им се види необична една ознака. Во гамата на E-Class, покрај Mercedes-Benz E 300 d, се среќава и моделска изведба со ознака Е 300 de. Станува збор за автомобил со хибриден погон, плус „штекер“ за полнење на батеријата. Дизелот добива уште една атракција.
Во Штутгарт веќе одамна е главна тема електричниот погон. И македонскиот дизајнер во Зинделфинген, Славче Таневски, веќе работи на електрични автомобили од врвна класа. Mercedes-Benz EQS SUV е досега најлуксузниот и технолошки најнапреден СУВ со погон на батерија. За убавината, тоа е веќе надвор од конкуренција. Меѓутоа, класичните погони уште долго ќе работат под хаубата на марката со сребрената ѕвезда. Mercedes-Benz е марка што е присутна насекаде низ светот, и долго е присутна. Затоа мора дизелот да се почитува во гамата.
Тоа што столбот на марката, E-Class, уште се продава шампионски со дизел мотори, секако дека не е за чудење. Сепак има и „малку“ електрика. Моделските изведби Е 220 d и E 300 d се благи хибриди, односно користат стартер-алтернатор. Во основа, тоа е мала дополнителна помош за дизелот, при поаѓање, при забрзување или при одржување умерено темпо на автопат, за потрошувачката на гориво, исто како и емисијата, да се намалат. E 200 d и E 400 d, пак, не користат стартер-алтернатор, туку класични и посебни анласер и алтернатор.
https://photos.app.goo.gl/zrEA7avJjrpWmGfGA
Една комбинација од букви отстапува од вообичаениот начин на означување на моделите на Mercedes. По моделот со ознака E 300 d следи модел E 300 de. За првиот се наведува моќност од 245 КС, додека за вториот се наведуваат 194 КС, плус 122 КС. Тоа не е трик на маркетиншкото одделение. На дволитарскиот дизел со 194 КС, му асистира електромотор со 122 КС. Според тоа, Mercedes–Benz E 300 de е хибрид, а ако се погледне од назад, во десното крило ќе се забележи дополнителен поклопец. Тоа е приклучок за полнење на батеријата, па конечно, E 300 de е модел со приклучен хибриден погон.
https://photos.app.goo.gl/5AxYJTVRneUiMXtXA
Македонскиот ценовник наведува цена од 70.900 евра за E 300 d 4Matic и цена од 68.490 евра за E 300 de. Тоа му дава веродостојност на нашиот наслов, дека хибридниот E-Class е поевтин од дизелот. Меѓутоа, за споредбата да биде веродостојна, мора да се земе предвид дека E 300 d стандардно излегува од фабрика со погон на сите тркала 4Matic. Погонот е достапен и за хибридниот модел. Во тој случај, E 300 de 4Matic чини 71.480 евра, односно 580 евра повеќе од „d“.
Зошто моделот со хибриден погон, со екстра електромотор, батерија од 13,5 kWh бруто, со уште цела низа екстра техника и со екстра моќност, незначително се разликува од дизелот? Образложението лежи во законот за данок за возила, според којшто за возилата со приклучен хибриден погон се плаќа само 50% од висината на данокот.
Но, што се добива екстра со E 300 de, односно E 300 de 4Matic?
Споредбата открива дека и во E 300 d и во E 300 de работи битурбо „супердизел“ од генерацијата OM 654, меѓутоа кај првиот станува збор за варијанта 654820, додека хибридот има варијанта 654920 на овој релативно нов мотор на Mercedes-Benz. Поради помошта што ја добива од електромоторот, дволитарецот во „de“ работи мошне релаксирано. Наспроти максималните 285 КС и 550 Nm кај моделот со благ хибриден погон, приклучниот хибрид постигнува максимум 194 КС и 400 Nm. На тоа следат уште 122 КС и уште 440 Nm од електромоторот, што е вграден во самото „ѕвоно“ на 9-степениот автоматик со класичен претворач на вртежен момент. Системската максимална моќност на E 300 de изнесува 306 КС, а вртежниот момент достига дури 700 Nm. Тоа се 21 КС повеќе отколку кај благиот дизел, одосно 150 Nm екстра.
https://photos.app.goo.gl/QqNXHv7wHD1j3qEW6
Електрификацијата не влијае премногу врз тежината. Со тежина на празно возило од 2.060 kg (со возач 75 kg и полн резервоар), хибридот е за 135 kg потежок од обичниот дизел. Носивоста е иста (660 kg), исто како и дозволената тежина на приколка (2.100 kg). Мал проблем е багажникот. Електрификацијата одзема од товарниот простор, па место 540 литри, 300 de располага со само 370 литри. Секако дека тоа не е за паничење: Хибридниот E-Class сé уште има багажник колку „голф“. Кој цени дека тоа е проблем, Штутгарт како и секогаш, има решение и за тоа: E 300 de T-Modell, комбито од E-Class, чини 69.990 евра, односно 73.510 евра во верзија 4Matic. Таму стојат на располагање 480 литри, односно максимално 1.660 литри со соборена клупа.
Споредбата на перформансите кажува само малку за разликата во динамиката во возењето на двата модели со различен погон. А, тоа значи: Хибридниот E-Class повлекува побрзо, посилно, покултивирано. Предноста на „de“ не е во перформансите. Сепак, постои мала предност во корист на хибридот. Неговиот спринт до темпо сто трае 5,9 секунди или 0,4 s покусо од 300 d, но за тоа мора да се земе предвид и погонот на сите тркала кај вториов.
https://photos.app.goo.gl/MeBfPU3nubfszsCL9
Крајната брзина е ограничена на 250 km/h во двата случаи. Хибридниот E-Class може да вози чисто на струја со брзина до 130 km/h – додека батеријата има доволно „сок“ за тоа. Според фабрика, E 300 de троши 1,2 литар дизел на сто километри. Оваа фантастична бројка е „вина“ на хомологациските норми за хибридните автомобили, односно се претпоставува дека се поаѓа со полна батерија, се вози чисто на струја, додека истата се испразни, и до 100 km се пресметува само количината на гориво што ќе се потроши при заедничката работа на моторот и електромоторот. Нормите за дизелот пријавуват просек 5,7 литри дизел.
Доколку остане приклучен да се полни преку ноќ, хибридниот E-Class може секој ден да вози по 55 километри чисто на струја – тоа е многу повеќе од дневниот просек; Доколку секој ден се вози по 55 km, за една година ќе бидат 20.000 километри чисто на струја
Најважниот податок се 55-те километри што E 300 de може да ги вози чисто на струја, со полна батерија. Тоа значи дека просечната дневна километража може без проблем да се извози без да се потроши ниту грам дизел – не поради штедење, туку поради „новото“ уживање, кога во возењето не се троши гориво. И уште еден „најважен“ податок: За батеријата да се наполни до 100%, со користење најобична домашна приклучница, потребни се 300 минути, односно 5 часови. Во случај да се користи ѕиден полнач или обичен полнач со 7,4 kW, полнењето се скусува на само 90 минути, односно час и половина.
Најголемиот проблем, пак, лежи во тоа што Mercedes-Benz E-Class повеќе не може да се нарача. Генерацијата W213 е распродадена и кога Штутгарт повторно ќе отвори нарачки за E-Class, тоа ќе биде за моделот од следната генерација. Во гамата на марката со сребрената ѕвезда, сепак има уште бројни модели со приклучен хибриден погон, почнувајќи од A 250 e, до самиот S 580 e L, за којшто Мак Аутостар наведува моќност од 367 КС плус 270 КС. Импресивно, како и сé во оваа марка. За хибридна E-Class може да се погледне и во Premium Used-салонот на Мак Аутостар.
















