за

Mercedes ја спасува честа на дизелот во хибридна комбинација

mercedes e-class c-class дизелот хибрид

Дизел-хибридот на штандот на Mercedes во Женева е чекор назад или чекор напред? Германците не можат туку така да го отсакаат дизелот и му подаруваат уште неколку години чиста иднина, комбинирајќи го со електромотор. Но, оваа комбинација се чини дека повеќе оди во корист на Mercedes отколку на животната средина.

На штандот на Mercedes во Женева осамнаа неколку претсериски модели коишто се чини како да ги пропуштиле збидувањата на автомобилската сцена во последниве неколку години. Во C-Class и E-Class работи новата генерација на дизел-хибридниот погон на Mercedes. Новите моделски верзии ќе може да се нарачаат кон крајот на летото, исто како и топ-хибридната верзијa од S-Class, со ознаката S 560 e. Заедно со третата генерација на дизел-хибридниот погон на Mercedes доаѓаат и нови полначи, со можност за вмрежување и управување преку мобилна апликација.

Mercedes ги најавува новите плагин-хибриди како „клучна технологија на патот кон иднината на автомобилите без локална емисија“. Идејата е во град да се вози чисто на струја, додека на отворено доаѓаат до израз предностите на обичниот дизел мотор. Новите дизел-хибриди во C-Class и E-Class за првпат поседуваат можност за надворешно полнење на батериите, односно користат плагин-хибридна техника.

Со сопствениот полнач се потребни седум часови додека се наполни батеријата

Погонската комбинација ја сочинуваат новиот дизел OM 654, „хибридна“ верзија на деветстепениот автоматик 9G-Tronic и електромотор со моќност од 90 киловати или 122 КС, кој во погонската спрега дополнително испорачува и 440 њутнметри. Батеријата е литиум-јонска со капацитет од 13,5 киловатчасови, што според производителот е доволно за 50 километри. Сопствениот полнач има двојно зголемена моќност, на 7,2 киловати, но при негово користење и натаму се потребни седум часови додека се наполни батеријата. Со специјалниот полнач од 22 киловати, кој се купува посебно, батеријата се полни за два часа.

Третата генерација на дизел-хибридниот погон на Mercedes ги зема предвид и податоците од навигацијата, како и информациите од камерата или радарите, за соодветно да ја приспособи работата на погонската спрега и системите за асистенција.

Во S-Class работи „нормална“ хибридна комбинација со бензински мотор

Наспроти четирицилиндарскиот дизел во C и E-Class, во хибридната верзија S 560 e работи трилитарски V6 бензинец со 367 КС, во комбинација со електромотор со 90 киловати. Според фабрика, потрошувачката на гориво на хибридниот S-Class изнесува само 2,1 литри на сто километри. Оваа вредност важи кога лимузината стартува со полни батерии и вози само на струја, додека не се исцрпи енергијата во батеријата – во случајов, таа дозволува досег до 50 километри.

И објаснувањето, зошто Mercedes и натаму комбинира дизел мотор во хибридна погонска спрега во C-Class и E-Class? Прво, дизел мотор има пониска емисија на СО2 отколку бензински мотор со истата моќност. На производители што во понудата имаат и џиновски мотори им е важно да го скусат секој грам СО2, затоа што веќе од 2021 година ќе мораат на ЕУ да и плаќаат казни за секој вишок СО2 над лимитот од 95 грами на километар. Второ, во производството на дизел мотори се вложени огромни инвестиции и од нив зависат голем број работни места. Затоа дизелот мора вештачки да се одржува во живот уште неколку години, а веројатно и децении.

Toyota лани продала над 1,5 милион хибридни автомобили

Купувачите на Porsche Panamera преферираат хибриден погон

Хибридите на BMW им трошеле премногу на германските министри

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

светска продажба автомобили

Во светот лани се продадени над 86 милиони автомобили

Pre-Owned Crossovers: The Ultimate Buyer’s Guide