Мак Аутостар: Речиси театарска премиера на Мерцедес ЦЛЕ

Трета премиера кај македонскиот увозник на Мерцедес-Бенц во рок од еден месец. Ноивата сезона започна со голем новитет, со електричниот Е-Ку-Е, во неговата СУВ-изведба, потоа следеше премиера што ќе се помни до завршетокот на деценијава, спектакуларното пуштање на новата Е-Класа, а сега доаѓаат и најслатките нешта: ЦЛЕ е новиот ЦЛК.

Некогаш е подобро нештата да не бидат толку упадливи. Секако дека тоа успева малку потешко, кога автомобилот ја носи ѕвездата на Мерцедес-Бенц, меѓутоа со своите габарити и форма слични со Ц-Класа, новото купе ЦЛЕ сосем извесно е помалку упадливо од АМГ ГТ, на пример, или од ГЛС 63 АМГ. Овој автомобил е вкусно упадлив.

ЦЛЕ во основата е автомобил за купувачи што Германците ги водат како „бесерфердинер“, односно некоја или некој што заработува повеќе од другите. Тоа всушност кажува многу. Тоа се луѓе што се свесни за стилот, вклучувајќи го и начинот на облекување и архитектурата во домот – плус уредувањето на канцеларијата. Секако дека и автомобилот мора да биде со стил.

Тие „повеќезаработувачи“ – сосем спротивно на тоа што во нашата средина го комуницираме како „колку ти даваат“ или „колку земаш“ – можат да си дозволат да платат повеќе за автомобил што во принцип е Ц-Класа, а чини колку основна изведба на Е-Класа. Таа формула функционирала отсекогаш, купето по дифолт е поблагородно, поскапо, пофино.

Силуетата е хармонична, ненападна, а пак отмена. Мерцедес-Бенц мора да владее вака добро со купеата, затоа што тие всушност ја разликуваат марката со ѕвездата, како премиум марка, од волуменските марки. Тоа денес е видливо многу појасно, отколку во времето на 70-те и 80-те, на Капри и Манта. Денес единствено премиум марките можат да понудат купе.

Неговото височество, купе, збор со француско потекло, што значи „отсечено“, во случајов тоа е задниот дел од покривот

Драмата, односно театарот со ЦЛЕ, почнува кога ќе се откријат деталите и суптилните форми. Носот како на ајкула веќе е во генот на спортските модели на Бенц и АМГ. Во делот околу маската, носот на ЦЛЕ дури потсеќа на препознатливата форма на носот на болидите во формула 1 во 1960-те години.

Од некој агол ќе се открие како задните крила се шират, ќе се здогледаат и правите рабови што се извлечени напред и назад по страните на каросеријата, секако и двата надолжни гребени по хаубата нема да припуштат да го пријават своето присуство.

Врвот кај еден купе автомобил секако дека е во опашот, којшто комбинира моќ и сепсапил, елеганција и дрскост. Чудно е како дизајнерите успеваат толку вешто да предвидат дека по одреден период на време, луѓето ќе почнат да се навикнуваат на сменетата форма, па дури и да се одушевуваат. Тоа важи за опашот. Кога ЦЛА и компанија се појавија со формата на опашот што денес е „стандард“ кај спортските модели, многумина го земаа таквиот изглед со резерва.

Денес, сé е различно, дури нема да биде погрешно да се оцени дека ЦЛЕ е моделот што го означува „брејкинг поинтот“, кога од воздржаност за формата на опашот, сцената преоѓа во одушевување

Театарскиот заплет се доживува во внатрешноста. Тука сé е за едно скалило над Ц-Класа, изведено со пристап и трошок како за Е-Класа, но пак купеовски. Само изработката на вратата да се погледне и сé станува јасно. Мајсторите на својот занает во Мак Аутостар пак се докажаа со вештината на инсценирање на своите нови модели. Првите два примероци од ЦЛЕ Купе во салонот во Скопје се во бела и во мануфактур-сива боја, соодветно со кафено-портокалова, односно црна внатрешност. Амбиенталното осветлување, раскошно, едниот автомобил го облагородува со сини тонови, другиот со црвени. Тој контраст ја покажува мајсторијата на Мерцедес-Бенц да изработи вакви тркачи на елеганцијата.

Моторите се исти со Ц-Класа, а тоа значи дека секогаш имаат поддршка од електромотор, било да се работи за 48-волтен благ хибрид, или за приклучни хибриди – коишто е сосем извесно дека ќе се придружат во гамата со текот на времето. Понудата во моментов ја сочинуваат ЦЛЕ 200 (исто и 4Матик), ЦЛЕ 300 и ЦЛЕ 450, двата 4Матик, како и дизел ЦЛЕ 220 д. Тоа што ќе израдува многумина е 6-цилиндарецот од три литри во актуелниот топ-модел 450.

Меѓу опциите што ќе им годат на заљубениците во купеата се динамично подвозје, што значи спортско подвозје, спуштено 15 милиметри, со приспособливи амортизери, и управувана задна оска со 2,5 степени завртување.

Кај салонските примероци се забележува дека го поседуваат врвниот АМГ Пакет, којшто се води како АМГ Линија Премиум Плус, и меѓу другото содржи дигитални светла со проекција на знаци врз патот, скап аудио систем Бурместер, стаклен покрив.

Тоа што ќе ја заокружи гамата на ЦЛЕ секако дека се АМГ-изведбите, Ц 43 и Ц 63 С Е Перформанс. Се чека и кабриолетот.

Технички податоци и цени за Мерцедес ЦЛЕ во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Mercedes-Benz CLE 200 Coupe

Претходна објаваНаследникот на Фолксваген Голф ќе биде електричен автомобил
Следна објаваКиа во ноември имаше историски рекорд во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here