Mercedes C-Class традиционално e празник за автомобилската сцена

mercedes c-class

Mercedes C-Class од генерацијата W 206 е поголем, со повеќе спортска нота во изгледот и со задолжителен електромотор во погонот во сите моделски варијанти.

Новиот модел од средната маска доаѓа на местото на претходникот што се продаде во 2,5 милиони примероци. Секако дека и од Mercedes W 206 се очекува да биде бестселер на марката од Штуитарт. Петтата генерација на C-Class ќе стартува со испорака во јуни годинава, а според досегашните безбројни примери, тоа значи дека моделот тогаш ќе се појави и во салонот на Мак Аутостар.

Заедно со лимузината доживеа премиера и комбито T-Modell. Гамата понатаму ќе се проширува со екстремните спортски (и секако престижни) изведби со знакот на AMG, чијашто премиера треба да се случи пред крајот на годината. Првпат во гамата на моделот од средната класа ќе се нуди и изведба All Terrain со зголемено растојание од подлогата, со пневматска суспензија, погон на сите тркала и соодветно со каросериски додатоци во стил на теренец.

https://photos.app.goo.gl/59uDc7mRGV42CGm17

https://photos.app.goo.gl/afLRj3TzPxRGACjLA

https://photos.app.goo.gl/58zRP848XCT59s1b8

Лимузината порасна за 6,5 сантиметри и сега е долга 4,75 метри, исто колку и комбито. Меѓуоскиното растојоание исто така порасна на 2,87 метри, што е 2,5 сантиметри повеќе од претходно. C-Class доби и еден сантиметар плус во ширина, на 1,82 метар. Од растот во меѓуоскиното растојание и во ширината може да се очекува повеќе простор во кабината. Во багажникот на лимузината стоја на располагање 455 литри.

Во изгледот се забележува спортската нота, што во дел произлегува и од новите пропорции. Хаубата е подолга и тоа дополнително е нагласено со кусиот преден превис, а силно се нагласени и двата надолжни гребени по хаубата. Маската е поставена пониско и ја носи сребрената ѕвезда во средина. Варијанта со ѕвезда поставена класично на хаубата, повеќе нема да се нуди во C-Class. Назад исто така не постои класична хромирана лајсна над регистерската ознака, заради поспортски ефект. Главниот акцент го поставуваат дводелните светла и ниското задно стакло.

Кокпитот е изведен верно на S-Class, со таа разлика што средишниот дисплеј е завртен кон возачот. Внатрешноста јасно е подрачјето што најмногу го издвојува новиот модел. Аналогни инструменти повеќе не се вградуваат, во нивна замена се користи дисплеј од 10,25 инчи, односно опционално 12,3 инчи.

https://photos.app.goo.gl/BSmLsXXaP5Hp2dUWA

https://photos.app.goo.gl/usLtycBcGxCyvH7x8

https://photos.app.goo.gl/nnuRkypBiCBGJ2Mo9

За ракувањето со функциите на возилото служи огромен дисплеј што е поставен исправено и се втопува во средишната конзола. Дисплејот е завртен за 6 степени кон возачот и има пречник од 9,5 инчи, односно како опција 11,9 инчи. На тој начин се постигнува поспортско чувство за возачот, а воедно и кокпитот повеќе не „притиска“ кон возачот. Новиот C-Class на тој начин посредува поубедливо чувство за просторност.

https://photos.app.goo.gl/kXj9HSjZ9tarkXtn7

Интересна новина се рачките за повлекување на вратата, кои не продолжуваат косо угоре и со тоа потсеќаат на старите модели. Тоа исто така придонесува за новото просторно чувство. Mercedes го потврдува тоа и со бројки. Во висината на рамениците има за 26 милиметри повеќе простор во кабината. Убави вести има и за задната клупа. За патниците таму има на располагање 35 милиметри повеќе простор пред колената.

По пример на S-Class и на нејзиниот MBUX од втора генерација, C-Class исто поседува способност да учи нови говорни команди, овозможува целосно поврзување со паметни уреди во домот, а може да се прикажуваат и содржини со унапредена реалност во средишниот дисплеј. Кога ќе биде достапен нов софтвер, тој ќе се дистрибуира Over the Air и автоматски до возилото.

https://photos.app.goo.gl/WCHh2QiRxfHF34wAA

Радарскиот темпомат сега може да го запре возилото и при брзина до 100 km/h, за разлика од претходно, кога оваа функција беше достапна до 60 km/h. Камера во 360 степени овозможува подобро следење на лентата, а камерата ги чита подобро и сообраќајните знаци, односно ги чита и нивните дополнување или ограничувања. Тоа значи дека во „инструментите“ се појавува предупредување кога постои брзинско ограничување на патот, на пример, при дожд. Покрај тоа, камерата распознава и стоп-знаци, односно црвено светло на семафор.

Новина е опцијата за управувана задна оска, со којашто кругот на вртење се смалува на 10,6 метри, што е околу 40 сантиметри помалку. Покрај тоа, и преносот во управувањето е подиректен. Задната оска со четири водилки е нова и придонесува за повисоката возна динамика на C-Class. Со доплата може да се добијат и приспособливи амортизери или спортско подвозје.

Најголемата револуција е под хаубата. Како што објавивме претходно, во иднина таму ќе работат само четирицилиндарци. Сите мотори се комбинирани со 48-волтна мрежа и стартер-генератор. При брз старт, тој дејствува како електромотор со моќност од 22 КС и вртежен момент од 200 њутнметри. Батеријата се полни при сопирање. Верзија со мануелен менувач повеќе не се нуди во C-Class, сите моделски изведби доаѓаат со 9-степен автоматик.

Дизелот доби ново коленасто вратило, со што се зголеми и работната зафатнина од 1.950 на сега 1.992 сантиметри кубни. Два турбополначи со водено ладење и варијабилна геометрија го обезбедуваат потребниот притисок кај дизелите. На располагање се три варијанти на моќност, почнувајќи од 200 d со 163 КС, преку C 220 d со 200 КС, до C 300 d со 265 КС. Погон на сите тркала стои на располагање за „220“.

Понудата од бензинци ја сочинуваат 1,5- и 2,0-литарски четирицилиндарци. Моќноста на C 180 изнесува 170 КС, следен е C 200 со 204 КС и врвот е за C 300 со 258 КС. Посилните две изведби се достапни и со погон на сите тркала.

Понудата ја заокружува верзија со приклучен хибриден погон, којашто располага со електромотор со моќност од 129 КС. Со батерија од 25,4 киловатчасови, хибридната C-Class може да вози само на струја до 100 километри според реалната норма WLTP. Моторот е дволитарски турбо-бензинец со 204 КС. Системската моќност изнесува 313 КС, вртежниот момент достигнува 550 њутнметри.

Цените се очекува да бидат објавени најдоцна кон крајот на март, кога започнуваат нарачките за новиот модел. Моделот од сега веќе претходната генерација на C-Class стартува во Мак Аутостар од 37.990 евра за C 180 d со 122 КС.

https://photos.app.goo.gl/sBQMFscfcPhnFEHB9

https://photos.app.goo.gl/H4iDEPj8C6uhxTeU8

https://photos.app.goo.gl/GAw3PiCUdrBcGEe29

https://photos.app.goo.gl/yJNTaaTnRxxyuUdz5

https://photos.app.goo.gl/NWmPmTQ284JrKrfc6

https://photos.app.goo.gl/YzaHq9gLtuXvkim96

>>> Историски факти за Mercedes C-Class пред денешната премиера

Претходна објаваИсториски факти за Mercedes C-Class пред денешната премиера
Следна објаваПриклучните хибриди на Audi добиваат посилна батерија и подолг досег

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here