за

Mercedes C-Class во поддотерано издание за салонот во Женева

Mercedes C-Class facelift

Моделот од средната класа и лани беше најпродаван модел на марката со сребрената ѕвезда. Mercedes C-Class ќе се појави во освежено моделско годиште на претстојниот салон во Женева. Однадвор речиси не се познава дека се работи за модел од новото годиште.

Повеќето моделски освежувања во последниве месеци имаат заедничка нота. Не се препознаваат однадвор. Дури и познавачите мораат да погледнат двапати, за да бидат сигурни дали станува збор за модел пред или по „фејслифтот“. Mercedes C-Class не е исклучок и ќе се појави во новото моделско годиште на салонот во Женева, иако многумина нема да препознаат дека се работи за нов модел. Уште потешко, затоа што покрај него ќе се најдат новиот A-Class, AMG GT со четири врати и G 63 AMG.

Само лани се продадени над 400.000 примероци од Mercedes C-Class: На некои народски компакти не им успева толку

Произведуван во четири фабрики, во матичниот Бремен, во Јужна Африка, САД и Кина, моделот од средната класа и лани беше најпродаван модел на Mercedes. Вкупно се продадени 415.000 примероци од C-Class, од кои најголемиот дел во Кина. Таму е особено популарна верзијата со продолжено меѓуоскино растојание.

Mercedes C-Class fl 3

Освежувањето ќе го држи Mercedes C-Class уште три години, до замената со новата моделска генерација. Промените во изгледот може да ги препознае само искусно око. Но, Швабите барем играат чесно. За разлика од конкурентите, кои одвај чекаат да вградат диодни светла насекаде и да го наплатат тоа скапо, C-Class и натаму вози со обични халогени светла, барем во основното ниво. Поимот за добриот стар, основен модел, сé уште има смисла во Штутгарт.

Нова маска, нови светла, нови браници, но само кој знае да препознае

Треба добро да се погледне да се препознаат промените. Благи зафати има во изгледот на предните и задните светла. Предниот браник има добиено украсни лајсни, коишто се разликуваат од една до друга стилска изведба на C-Class. Кај AMG-Line има преден браник со нова геометрија и комплетно сменет изглед на дифузорот назад. Останатите изведби исто така имаат промени во задниот браник, со нов изглед на долната половина и со соодветна украсна лајсна.

Mercedes C-Class fl 7

Диодните светла следат со доплата, со едноставен, но ефектен внатрешен дизајн. За првпат во C-Class се достапни и диодни светла со повеќе снопови и со „ултра-долго“ светло. Светлосниот сноп го сочинуваат 84 одделно управувани диоди, кои за миг се приспособуваат според ситуацијата во возење.

Не само кај Mercedes, моделската нега се сведува на нови дисплеи и нов софтвер

Сериската опрема сега опфаќа пристап без клуч и копче за стартување во стил на турбина. Соодветно на тоа е сменет и дизајнот на клучот од возилото. Во лимузината и комбито може да се нарача и дигиталната табла со инструменти од S-Class со пречник од 12,3 инчи, место класичната табла со два инструмента „во цевка“. За дисплејот во средишната конзола исто така се нуди „апгрејд“ од 7 инчи на 10,25 инчи, со приказ во висока резолуција.

Mercedes C-Class fl 4

Со обете дигитални единици се ракува или преку сензорските полиња на самиот волан или контролерот во средишната конзола со истата техника. Трета можност за давање команди е преку говор. Тука има постојан напредок, така што сега преку говорна команда може да се вклучи дури и греењето на седиштата. Но, уште поголем напредок во овој поглед направи A-Class, којашто неодамна имаше светска премиера.

Системите за асистенција работат координирано со податоците од навигацијата

Усовршените системи за асистенција подржуваат полуавтономно возење и користат камери и радари со досег до дури половина километар. Радарите во секое време знаат што се случува 250 метри пред возилото, 40 метри странично и 80 метри назад. Оваа вештачка интелигенција добива помош од навигација со хард-диск, со топографски карти и фотореалистични објекти во три димензии, вклучувајќи и 3D-ротација на картите. Темпоматот, на пример, ги користи податоците од навигацијата и ја приспособува брзината пред свијоци, крстосници илу кружен тек. C-Class доаѓа на прагот на целосното автономно возење и со активниот асистент за следење лента и со самостојното престојување на возилото во помошната лента во случај на незгода.

Од поголемите лимузини доаѓа и „енерџајзинг“, последниот вид на третман за удоволување на патниците од спа-специјалистите на Mercedes. Климатизацијата, парфемирањето, греењето и масажата на седиштата и 64-те светлосни и музички поставки работат координирано, со цел на патниците да им понудат најдобро чувство во кабината. Неколкуте различни програми на енергизација траат по десет минути, со соодветен приказ на дисплејот и со соодветна музика.

Премиерата е на 6-ти март на салонот во Женева.

[FAG id=30771]

Неколку факти што Mercedes сака да ги знаеме за A-Class

Фабриката во Бремен повеќе не е најголема фабрика на Mercedes

Mercedes повторно ги натпродаде BMW и Audi

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren 570S Spider Valentine

Некој подарува McLaren за Денот на вљубените…

пролетна подготовка на велосипедот

Подготовка на велосипедот за новата сезона во десет чекори