за

И превозот на товар цени премиум: Освежени вановите на Мерцедес-Бенц

Вито и Спринтер, заедно со нивните чисто електрични изведби, со новото моделско годиште донесуваат повеќе комфор, безбедност, практичност – и во светот на превозот најмалку изоставната дигитализација.

Во Мерцедес-Бенц им годи тоа што марката со ѕвездата го применува својот премиум стандард и кај доставните возила. Секогаш кога има зафати кај луксузните лимузини и теренци, мора кусо потоа да следат соодветни зафати и кај лесните товарни возила. Секако, тоа се познати имиња на сцената, Вито и Спринтер, што добија неколку освежувања за престојните години. Пред нив, третманот го помина Цитан.

Како што се приближува 2026 година, кога Мерцедес-Бенц ќе ги постави своите идни доставни модели врз новата платформа ВАН.ЕА, каде што главни ќе бидат електричните варијанти, Швабите додаваат сé повеќе во своите постоечки модели Вито и Спринт. Тоа треба да овозможи преминот во следната ера на професионалниот превоз да мине колку е можно помазно.

Мерцедес-Бенц уште во сегашната генерација на своите доставни модели од средната и големата категорија го примени електричниот погон. Верзиите на еВито и еСпринтер на струја се барани уште сега и тоа само уверува дека електричниот погон има извесна иднина во светот на големите возни паркови, каде што на фирмите им е пресудно оперативните трошоци да бидат сведени на најмала мера.

Вито е големец на сцената на доставните возила од средна категорија, со тежина меѓу 2,8 и 3,2 тони. Мерцедес-Бенц го нуди како фургон, комби Миксто и патнички Турер. Единствено Вито во класата е достапен во три должони, со две меѓуоскини растојанија и со два вида погон. На тоа следат уште три нивоа на опрема.

Тоа овозможува Вито и неговата електро-сестра еВито да се користат во најширок опсег на примена, од занаетчии и сервисери, преку услужни дејности, фирми за каросериска надградба и доопремување, до специјален превоз на храна, па и како амбулантно возило. Електричниот Вито, патем, присутен е во гамата уште од 2018 година.

Новото моделско годиште на Вито доаѓа со инфо-забавниот систем МБУКС. Преку него може да се пристапи до бројни онлајн услуги што се корисни во работното секојдневие.

Зафати има во надворешноста и во кабината, додадени се нови системи за асистенција, може да се смета и на поголема комоција, на пример, со доплата за електрично затворање на задниот поклопец, за мултибим диодни светла. Не е пропуштен погонот: Во текот на годинава ќе биде додаден бензиснки мотор со благ хибриден погон.

Повеќе од половината од продажбата на Мерцедес-Бенц Ванс отпаѓа на најголемиот модел, на Спринтер

Со дозволена тежина до 5,5 тони, достапен како фургон, камионет, шасија и патнички Турер, во три должини, со погон напред, назад или на сите тркала, Спринтер е топ-моделот во продажбата во гамата. Покрај тоа, бројни компании ги користат Спринтер како основа за своите возила за кампување.

Повеќе од 75 проценти од сите произведени Спринтери се доработуваат во работилниците за каросериска надградба или доопремување

Сите спомнати промени кај Вито важат и за поголемиот Спринтер. Посебно поглавје е електричниот еСпринтер, што Мерцедес го произведува во втора генерација и се одликува со модуларна градба. Основата се состои од три модули преден, среден и заден модул, што може да се комбинираат по потребите на клиентот.

Новото моделско годиште има зголемена дозволена тежина на 4,25 тони. Батеријата може да биде од 56, 81 или 113 кВч, а за електромоторот се избира меѓу 100 или 150 кВ. Досегот во најдобар случај изнесува 478 километри. Новина е доплатата за влечна кука, за приколка што може да тежи до 2 тони. Покрај фургонот, сега е достапна и основна шасиска изведба, што е погодна за надградба.

Германските ценовници наведуваат 36.557 евра за новото Вито Фургон и 45.888 евра за Вито Турер. Електричниот Вито како фургон чини 49.441 евра, патничкиот еВито Турер чини 63.549 евра.

Спринтер почнува од 43.504 евра како фургон и 31.896 како основна шасија. Електричниот еСпринтер стартува од 47.591 евра како фургон.

Четири од секои пет примероци од Вито, еВито, Спринтер, еСпринтер, Цитан и еЦитан се регистрираат како службени возила. Возилата се испорачуваат најмногу за служби за достава на пратки, брза достава, дистрибуција на пакети, логистика, трговија и е-трговија, занаетчиство, сервиси и услужни дејности, но и полиција и противпожарна служба, превоз на лица, и секако, возила за кампување.

Мерцедес има организирано посебен портал на којшто каросериските работилници можат да пристапат и да ги симнат податоците што им се потребни за преработката на возилото. Во записите стои дека ширум светот (без САД) постојат 5.800 каросериски работилници што работат надградби на моделите на Ванс.

До 2030 година, електричните транспортери ќе постигнат удел од преку 50 проценти

Пазарот ги бара електричните еЦитан, еВито и еСпринтер, лани нивната продажба пораснала за 51 проценти. По 2026 година, следи преоѓање на нова генерација модели врз платформата ВАН.ЕА, за идните Вито и Спринтер, со коишто уште повеќе ќе се зголеми побарувачката за е-моделите.

Во Мак Аутостар се мошне активни околу гамата на Мерцедес-Бенц Ванс, неодамна беше испорачан еден мошне несекојдневен примерок на В-Класа, Марко Поло

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричната сестра на Киа Спортаж ја имаше својата европска премиера во Минхен

Стари батерии од хибридни Рејнџ Ровери служат како преносна станица за струја