Мерцедес одбележува 140-годишнина од првиот автомобил и во таа чест започна серија претставувања на нови модели и освежувања на постоечките. Покрај тоа, три „мечки“ од С-Класа вртат низ светот и ќе посетат 140 важни места. Има уште, Штутгарт отвора Мерцедес-Бенц Студио, за да го донесе духот на својата марка до секојдневниот градски живот.
Мерцедес-Бенц започна нова глобална иницијатива, што се води како „Мерцедес-Бенц Студиос“, со прво одредиште во данската престолнина Копенхаген. Целта е чувството што го следи светот на германската марка, да се донесе непосредно среде најголемото движење на народот во големите градови низ целиот свет.
Годинава ќе бидат отворени уште најмалку десет вакви студија, на 4 континенти. Марката со ѕвездата се охрабри за ваков чекор, затоа што десет години по ред, Мерцедес-Бенц е меѓу десетте највредни марки според истражувањата на Интербрендс, а тоа е ценетата „Бест Глобал Брендс“. Во минатата година, само марката вредеше 50,4 милијарди долари.
Отворањето на студијата веројатно е врвот на иницијативата, што Мерцедес-Бенц ја започна пред извесно време, откако сé почесто почна да се спомнува мотото „Добредојдовте дома“, односно Велком Хоум, во чест и на 14-годишнината. Производителот сака на тој начин да укаже дека тоа што најмногу го одликува Мерцедес-Бенц, е токму чувството кога ќе се седне во автомобил од марката. Затоа и некој вешт во психологијата се сетил да го опише тоа, токму како чувството при враќање дома.
Во овие студија ќе бидат поставувани и модели и најразлични производи, ќе се одржуваат настани со покана и културни моменти. Нормално, и тоа е реклама, што ќе ги врзе луѓето со Мерцедес-Бенц, „од првиот контакт, до купување“, стои во соопштението што Штутгарт го објави на 13-ти април.
Студија понатаму ќе се отвораат во Северна Америка, Азија и Австралија. Секое студио ќе биде посебно и ќе ги носи одликите на земјата и средината во којашто се наоѓа.
Замислата најдобро ја објаснува директорката за комуникации во Мерцедес-Бенц АГ, госпоѓа Кристина Шенк: „Нашите Мерцедес-Бенц Студија треба да им посакаат добредојде на посетителите. Ги донесуваме нашите најнови и најфасцинантни возила во центарот на градот – на места, на коишто тие можат да се доживеат во опуштена и инспиративна атмосфера во непосредна близина. Тоа се простори, во коишто со задоволство се поминува време, се откриваат нашите продукти, се доживува марката и во Мерцедес-Бенц се чувствувате како дома“.
Во Скопје, марката Мерцедес-Бенц, покрај архитектонскиот спектакл за каков што се смета салонот и целиот центар на Мак Аутостар, може да се доживее на начин сличен со сегашниве „студија“, на врвот на соседниот бизнис центар, каде што веќе извесно време работи Мерцедес Лаунџ Бар, со одлична атмосфера и несекојдневна глетка, а секако и врвна кујна. Соодветно на тоа, во Македонија веќе одамна имаме Мерцедес Бенц Студио.
















