Големи раздвижувања во продажбата на Mercedes-Benz Cars лани. Испораката на електрични возила на годишно ниво пораснала за повеќе од двојно, додека само во последниот квартал, од половина милион автомобили, дури 14% биле од најскапиот сегмент што Штутгарт во има во понуда.
Највредната луксузна марка автомобили во светот ја заврши минатата година со силна динамика во последното тромесечје и со испорачани 540.800 возила, што е за 17% подобро од истиот период преклани. Голем дел од растот е заслуга на чисто електричните автомобили (EQS, EQS SUV & Co) и на најпрестижните модели (S-Class, Maybach & Co).
Годината 2022 не беше најсреќна ниту за производителите на автомобили, соочени со ковид, со недостиг од чипови и проблеми во логистиката, вклучувајќи меѓу другото и недостиг од возачи на камиони, за возилата да ги довезат до плацевите. Mercedes-Benz се покажа мошне отпорен на сите тие предизвици, со испорачани 2.043.900 возила (-1%).
Од возилата со електрифициран погон, што Mercedes-Benz оригинално ги води како xEV-возила (приклучни хибриди и чисто електрични возила), ширум светот се испорачани 319.200 примероци, што е е напредок за 19%. На овие возила отпаѓаат 15 проценти од вкупната продажба.
Голем раст има кај чисто електричните модели: 117.800 возила се 124% над резултатот од 2021 година. Вклучувајќи го smart, секој втор продаден модел е или приклучен хибрид или чисто електричен автомобил (44%).
Mercedes-Benz во минатата недела, при отворањето на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, најави дека ќе гради мрежа од 10.000 полначи за електрични автомобили ширум светот
Ола Келениус, извршен директор на Mercedes-Benz Group AG, ја оценува годината: „Продажбата на чисто електрични автомобили ја зголемивме за повеќе од двојно, со тест возењето на EQXX во должина од 1.200 километри ги зацртавме нашите високи амбиции во електричниот погон и со продажен раст од 37% постигнавме нова рекордна година за Mercedes-Maybach.“ За 2023 година, шефот најавува нови чисто електрични модели и нови модели од најскапиот сегмент.
Вака се одвиваше продажбата во 2022 година во трите основни категории во коишто Mercedes-Benz ја разгранува својата понуда:
Top-End Luxury
Во последниот квартал се испорачани 83.800 возила (+14%). За растот се најмногу заслужни моделите на AMG (+28%), Mercedes-Maybach (+25%) и G-Class (+15%). За цела година, Mercedes-Maybach испорача 21.600 возила (+37%), што е нов рекорд. Побарувачката се зголемила најмногу во Јапонија, Јужна Кореја, Средниот Исток, и секако Кина, каде што секој месец се продавале по околу 1.100 возила Mercedes-Maybach.
Испораката на S-Class порасна на над 90.000 возила (+5%). Нови клиенти во врвниот луксузен сегмент донесе EQS. Од електричната лимузина лани се испорачани 19.200 примероци, со голем раст во САД. Сцената реагира одлично и на СУВ-знаменосецот EQS SUV, дизајниран од Славче Таневски, што од годинава, освен во САД и Европа, ќе биде достапен и во Кина. Важна новина е Mercedes-Maybach EQS SUV, како прв Maybach со целосно електричен погон, што исто така беше најавен преку концептот дизајниран од нашиот Македонец во дизајнерскиот центар на Mercedes-Benz во Зинделфинген.
Core Luxury
Во сегментот Core Luxury се испорачани 1.101.800 возила (+4%). Најпродаван модел на Mercedes-Benz повторно е GLC во 342.900 возила (+3%). Од минатото лето се продава новата генерација на СУВ-моделот од средната класа, што веднаш стартуваше и на македонскиот пазар. Домашната премиера ќе биде забележана дополнително, по тоа што двата први примерока изложени во салон, располагаат со приклучен хибриден погон, со досег од преку 100 километри на струја.
За 17% порасна и продажбата на C-Class, со вкупно 299.100 испорачани возила. Целосно електричниот EQE е достапен ширум светот и лани достигна 12.600 испораки. Во меѓувреме пристигаат нарачки за EQE SUV. Најважната премиера за целата компанија во 2023 година е новата генерација на E-Class.
Entry Luxury
Продажбата во сегментот Entry Luxury достигна 587.700 возила (-10%). Падот се темели главно на недостигот од полупроводници и на тесните грла во логистиката. Најпродаван целосно електричен модел е EQA со 33.100 возила (+43%), по него следи EQB со 24.200 возила. A- и B-Class имаа моделско освежување во последното тромесечје во 2022 и се достапни за нарачка. Уделот на чисто електрични модели се големи двојно и сега изнесува 10% од вкупната продажба во овој сегмент.
View this post on Instagram