Електричен Мерцедес-Бенц возеше 1.205 километри без да полни батерија

Исклучително долгиот досег на електричната С-класа на Мерцедес-Бенц е заслуга на новиот вид батерии. Штутгарт напредува со батериите со цврст електролит.

  • Мерцедес-Бенц продолжува со обемните тестирања на батерија со цврст електролит во вистински услови на сообраќај
  • Од Штутгарт, долж Германија и преку Данска, до Малме во Шведска, три држави без запирање за батеријата да се дополни
  • На одредиштето, по 1.205 километри пат, на Мерцедес-Бенц Е-Ку-С му остана енергија за уште 137 километри.
  • Технологијата потекнува од Формула 1; Посебниот огранок Мерцедес-АМГ Хај Перформанс Пауертрејнс (ХПП) ја развива батеријата со цврст електролит заедно со производителот на овој вид батерии од САД, Факториел Енерџи.

Мерцедес-Бенц ја има обврската да брилјира во сите полиња и во сите видови погон, па и електричниот не е исклучок. Марката со трикраката сребрена ѕвезда вгради идна технологија на батерии во малку преработена Е-Ку-С. Станува збор за батерија со цврст електролит со литиум-метал хемија.

Кон завршетокот на август, електричната „С-Класа“ мина 1.205 километри пат, во вистински услови на сообраќај, без потреба од запирање за батеријата да се наполни. Целото патешествие се одвиваше од домот на марката во Штутгарт, до Малме во Шведска.

Со овој потфат, Е-Ку-С за три километри го надмина досегашниот рекорд што го имаше поставено експерименталниот автомобил на Мерцедес-Бенц, наречен Вижн Е-Ку-Икс-Икс. Бесценетиот „Вижн“ тогаш возеше од Штутгарт до Силверстоун, каде што е седиштето на огранокот за специјални автомобили со високи перформанси на Мерцедес-АМГ.

На одредиштето во Малме, на електричната луксузна лимузина ѝ остана енергија за да извози уште 137 километри

Мерцедес-Бенц на овој начин му докажа на светот дека батериите со цврст електролит се технологија во којашто вреди да се вложува, за нејзина помасовна примена во индустријата. Според Штутгарт, „комбинацијата од долг досег, ефикасност и технолошка зрелост, прави ова возење да биде пресвртница за технологијата на батерии со цврст електролит и го докажува потенцијалот за идна примена во серија“, стои во соопштението на производителот и пронаоѓач на автомобилот.

Тестирање во вистински сообраќај

Откако инженерите во февруари дадоа одобрение, за Е-Ку-С со новата технологија да се пушти во тестирање по јавни патишта, направени се бројни испитувања. Возењето до Малме беше дел од сеопфатната програма за тестирање.

Целта беше да се провери делотворноста на технологијата во различни климатски услови и на различни конфигурации на терен. Мерцедес-Бенц веруваат во серискиот потенцијал на новата батерија.

Возењето се одвиваше по аутобаните А7 и Е20, низ Германија и Данска, до шведски Малме. Во навигацијата беше вчитана најдобрата рута, со земање предвид на топографијата, сообраќајот, температурата на средината, потрошувачката на енергија за ладење и греење, без користење траект.

Маркус Шефер, шеф за техника и набавки, член на управниот одбор на Мерцедес-Бенц Група АГ, посочи дека „целта е иновациите, како оваа, да се пуштат во сериско производство до завршетокот на деценијата и на нашите клиенти да им се понуди нова димензија на досег и комфор.“

Куса проба на електрична Г-Класа пред салонот на Мак Аутостар

Претходна објаваБи Уај Ди и Липмотор се спречкаа кој повеќе продава на германскиот пазар
Следна објаваВо Словенија возат 20.000 електрични автомобили, субвенцијата 7.000 евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here