за

Туризам по замисла на АМГ: Со Г-Класа по шведски мраз

Мерцедес не е марка што се лизнува по мраз. Дури и намерно се оди каде што има најмногу мраз, по ново и со легендарната Г-Класа.

Може да се уплати за пет дена на море или планина, но може и за АМГ Искуство на мраз. Станува збор за своевидни туристички аранжмани, во коишто одредиштето е самиот автомобил, но не кој било, туку АМГ.

Производителите на автомобили се добри организатори и за туристички аранжмани. Мерцедес-АМГ ветува целосна услуга, обука од професионалци и сместување од прва класа, во понудата што се води како АМГ Искуство на Мраз.

Од почетокот на 2024 година, АМГ стартува со новината во својата понуда од настани и обуки. Во рамките на АМГ Искуство на мраз може три до пет денови да се минат во врвни возачки авантури, по замрзнато езеро во близина на Поларниот Круг. Првпат на овие настани може да се вози експедиција со Г-Класа. АМГ.

На езерото Галтисјауре во близина на Арјеплог, учесниците на АМГ Искуство на мраз ги чека доживување од единствен вид: На мраз со дебелина од преку 60 сантиметри се вози по вешто изведени патеки. Цврстата подлога нуди совршени услови за да се стекне најверодостојна претстава за возните својства, за правилната работа на сопирачките и за прецизноста на управувањето по замрзната подлога. Врвот е возење по патека што е изведена по пример на прочуениот Северен Јазол на Нирбургринг.

Учесниците добиваат професионална подршка додека се уверуваат во динамиката и можноста на најновите модели на Мерцедес-АМГ. Тука се учи како сигурно се владее со силните автомобили. Покрај тоа, дел од настанот претставува и детално упатување во техниката на возилата.

Главната привлечност на настанот секако дека е уживањето во возењето по снег и мраз во Лапонија. Сите настани вклучуваат сместување во хотел со 4 ѕвезди, со платени сауна и бар. Дел од доживувањето секако е врвна гастрономија. За целото искуство да биде овековечено, се грижи професионален фотограф.

Возачка обука и за почетници и за мајстори

АМГ Искуство на мраз ги покрива сите нивоа на возачка умешност, од почетници, до напредни возачи. За учество на Про Левел, сепак треба прво да се помине напредното ниво.

Понудата на АМГ Искуство на мраз:

  • ПЕРФОРМАНС, 3 дена во февруари 2024, Ниво на обука 1
  • ПЕРФОРМАНС ВИКЕНД, 4 денови, февруари и март 2024, Ниво на обука 1
  • ПЕРФОРМАНС ПЛУС, 3 дена, февруари 2024, Ниво на обука 2, возење на совозачко седиште во АМГ Ајс Такси
  • НАПРЕДЕН ВИКЕНД, 4 денови, јануари до март 2024, Ниво на обука 2, анализа на податоци и видео снимки, возење во АМГ Ајс Такси
  • НАПРЕДНА НЕДЕЛА, 5 денови, јануари до март 2024, Ниво на обука 2, анализа на податоци и видео снимки, возење во АМГ Ајс Такси, Трка на Шампиони
  • ПРО, 5 денови, јануари до март 2024, Ниво на обука 3, анализа на податоци и видео снимки, тимско рели, самостојно возење во АМГ Ајс Такси, Трка на Шампиони
  • ПРО ПЛУС, 5 денови, јануари до март 2024, Ниво на обука 4, самостојно возење, анализа на податоци и видео снимки, тимско рели, самостојно возење во АМГ Ајс Такси, Трка на Шампиони

На располагање стои речиси целата понуда од модели, вклучувајќи го и најновиот Мерцедес-АМГ ГТ Купе.

  • А 45 С 4Матик+
  • Ц 63 С Е Перформанс
  • ГТ 63 С 4Матик+
  • СЛ 63 4Матик+
  • ГТ 63 4Матик+

Првпат во понуда Г-Класа Зимска Експедиција

Учесниците што ќе се пријават за Зимската експедиција со Г-Класа ќе возат надвор од вообичаените туристички рути. Четиридневниот настан ветува вистинска афантура, бројни изненадувања, сето тоа на пат од Арвидсјаур до Кируна, на северот на Шведска.

Не е евтино со Мерцедес. Зимската експедиција можат да си ја дозволат малкумина. Со цената од 9.390 евра, некои нешта мора да останат ексклузивни.

Сето тоа е уредно наведено на наменскиот вебсајт

https://experience.mercedes-amg.com/en/events/alle-amg-experience-events

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Данците се придружуваат на шведскиот штрајк против Тесла

Во Ламборгини се работи четири дена во неделата