за

Данците се придружуваат на шведскиот штрајк против Тесла

Данските пристанишни работници одбиваат да ги товараат и растовараат автомобилите на Тесла, во поддршка на работничките синдикати во Шведска.

Најголемиот работнички синдикат во Данска ќе ги подржи шведските механичари во нивната побуна против Тесла.

Пристанишните работници и возачите во данскиот синдикат 3Ф најавија дека по две седмици ќе престанат да ги растовараат автомобилите на Тесла, што се наменети за Шведска, во пристаништата во Данска. Возачите исто така нема да ги довезуваат автомобилите до скандинавската земја, зголемувајќи го на тој начин притисокот врз Тесла. Американскиот производител на електрични возила повеќе недели одбива да ги исполни барањата на работниците.

„Исто како компаниите, движењето на работничкиот синдикат е обединето глобално во борбата за заштита на правата на работниците,“ кажа претседателот на огранокот на 3Ф (Три Ф) за транспорт, Јан Виладсен.

Синдикатот предупреди за штрајк на 4-ти декември, во допис до данското здружение на работодавци. Протестот нема да влијае врз активностите на Тесла во Данска, кажуваат од синдикатот.

Шведска е петти најголем пазар на Тесла во Европа и потпишувањето каков било договор со шведските синдикати ќе биде преседан за компанијата.

Шведските работници преземаат акција против Тесла уште од октомври, обидувајќи се да го убедат производителот на електрични автомобили, да потпише колективен работен договор со механичарите.

Штрајкот се прошири и во останатите ограноци на работничкиот синдикат, па дури престана и доставата на пошта до Тесла. Извршниот директор на американската компанија, Илон Маск, кажа дека чекорите на шведските работници биле „лудост“.

„Дури и да си еден од најбогатите луѓе во светот, не можеш туку така да си направиш свои правила,“ наведува Виладсен во изјавата во вторникот. „Имаме некои договори на пазарот на работа во Скандинавија и тие мора да се почитуваат, ако сакаш да работиш тука.“

Тесла остро се спротивстави на обидите за синдикално здружување во останатите држави во коишто е присутна компанијата. Колективниот работен договор сепак е стандардна практика во Шведска и покрива околу 90 проценти од сите работоспособни Швеѓани.

Доаѓа опасност од штрајк во Норвешка

Тесла го возвраќа ударот во Шведска и поднесе две тужби за да го ублажи влијанието на спорот, откако беше запрена и испораката на регистерски таблици за новите возила од американската марка. Во првата тужба, Тесла доби право за компанијата сама да ги презема регистерските таблици, директно од добавувачот на агенцијата за транспорт.

Во вториот спор, шведскиот суд треба во текот на неделава да одлучи дали поштата да ги испорача таблиците што се натрупани во нејзините депоа.

Можно е протестите против Тесла во знак на поддршка да се прошират и во Норвешка, каде што обединетата федерација на трговски синдикати размислува да преземе слични блокади. Групата ја следи ситуацијата, кажаа од федерацијата.

Солидарноста на трговските синдикати е составен дел од пазарот на работа во Скандинавија и прекуграничните штрајкови се сосем вообичаено. Во 2015 година, шведските пилоти им се придружија на своите колеги во Норвешка, во протестот против норвешката Ер Шатл АСА.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот бизнис на Хуавеј со софтвер за автомобили се цени на 35 млрд. долари

Туризам по замисла на АМГ: Со Г-Класа по шведски мраз