за

Новиот бизнис на Хуавеј со софтвер за автомобили се цени на 35 млрд. долари

Хуавеј ќе им продава удели на инвеститорите, во новиот огранок за софтвер за паметни автомобили и компоненти, вклучувајќи го Чанган.

Новата компанија на Хуавеј Технолоџис за софтвер за паметни автомобили и компоненти, се предвидува дека ќе вреди околу 35 милијарди долари, откако акциите во истата ќе им бидат продадени на инвеститорите, вклучувајќи го и кинескиот производител на автомобили Чанган. Тоа го кажуваат три лица што се упатени во случувањата во компанијата.

Кинеската компанија во неделата најави дека ќе изврши спин-оф на деловната единица за Интелигентни Автомобилски Решенија (ИАС, Интелиџент Аутомотив Солушн), којашто постои четири години. Намерата беше таа да прерасне во компанија со големина споредлива со добавувачот Бош, во време на интелигентни електрични возила. Новата компанија што ќе се издвои од матичниот Хуавеј, ќе располага со главните технологии и ресурси на ИАС.

Главниот автомобилски партнер Чанган и останатите компании ќе располагаат со најмногу 40 проценти од новата компанија, стои во неделното соопштение од Чанган.

Финансиски детали не наведоа ниту од Чанган Ауто, ниту од Хуавеј.

Чанган Ауто и нивниот главен управител, Чајна Орднанс Еквипмент Груп, во државна сопственост, познат и како Јужна Индустриска Група на Кина, имаат намера да откупат околу 35 проценти, односно околу 5 проценти, соодветно, во новата компанија. Таа се цени на 200 до 250 милијарди јуани, кажуваат две лица што се упатени во случувањата.

Од помалите акционери се спомнуваат државните производители на автомобили ФАВ Груп и Донгфенг Мотор, коишто исто така се во напредни разговори со Хуавеј, за секој да преземе по 5 проценти удел.

Хуавеј веројатно ќе остане најголемиот единечен акционер, со удел од 40 до 50 проценти, барем во следните две до три години, додаваат инсајдерите.

Спинофот, издвојувањето на помал огранок од голема компанија, за да опстојува како засебна деловна единка, претставува чекор што не е вообичаен за Хуавеј. Главните бизниси на кинескиот гигант се телекомуникациите и потрошувачката електроника. Хуавеј е во сопственост на основачот Жен Ченфеи, 79, како и на близу 100.000 вработени што поседуваат акции, во компанијата што е основана во 1987 година.

Во 2020 година, една година по воведувањето санкции во САД од наводно безбедносни причини, беше продадена марката евтини паметни телефони Онор, за матичната марка да може да опстои.

Три извори наведуваат дека една од причините за планираната продажба на акции е тоа што Хуавеј не успева да го постигне потребниот раст во својот бизнис за софтвер за паметни автомобили и мора да обезбеди капитал, за да ги покрие трошоците за развој.

Потесната управа, вклучувајќи го и самиот Жен, првично имаа големи надежи дека единицата ќе стане нов носител на раст во компанијата, кажуваат изворите.

Во деловната единица се вложени три милијарди долари од нејзиното основање. Персоналот што работи на истражување и развој во меѓувреме брои 7.000 лица, покажува извештајот за 2022 година.

Тоа е единствената деловна единица, од вкупно шесте главни единици на Хуавеј, што прави загуба. Во првата половина од 2023 година, ИАС постигна приход од 1 милијарда јуани, што е незначителна вредност покрај вкупниот приход на компанијата од 310,9 милијарди јуани.

Хуавеј остварува соработка со останатите производители на автомобили, вклучувајќи ги Серес Груп и Џиангхуаи Аутомобиле, како и Аватр и Дипал, марки електрични возила што се управуваат заедно со Чанган.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сикст ќе ја протера Тесла од својот возен парк, премала е вредноста при препродажба

Данците се придружуваат на шведскиот штрајк против Тесла