за

Британскиот кралски автоклуб му оддаде признание на Mercedes-AMG ONE

Еден од најисклучителните автомобили на денешницата има и исклучителен погон. Mercedes-AMG One е одликуван со ценетиот Dewar Trophy.

Бројни се примерите кога производителите кажуваат дека во нивните салонски модели работи техника од Формула 1. Во најголемиот број случаи, тоа има само малку допирни точки со реалноста. Кај Mercedes-AMG One тоа е поинаку, во овој хиперавтомобил со хибриден погон навистина работи техника од Формула 1.

Голема чест за Mercedes-AMG ONE. Британскиот кралски автомобилски клуб го додели Dewar Trophy 2022 за Mercedes AMG High Performance Powertrains (HPP). Тоа е специјализираната компанија што го произведува погонот именуван E PERFORMANCE, за двоседот Mercedes AMG ONE. Погонската единица потекнува директно од Формула 1 и располага со максимална моќност од 1.063 КС. Оваа незамислива моќ ја постигнуваат заеднички 1,6-литарски мотор V6 со турбонатполенење, четири електромотори и батерија со директно ладење.

Клубот ја додели оваа награда за успешниот развој и вградувањето на погонската единица од Формула 1 во хиперавтомобил што може да се регистрира за патен сообраќај. Наградата Dewar Trophy ја доделува жири од врвни експерти, уште од 1957 година, како одликување за исклучителни технички достигнувања во автомобилската сфера.

„Mercedes-AMG ONE е најамбициозниот проект во којшто се имаме впуштено досега: Хиперавтомобилот прв воведува хибридна технологија што е актуелна во Формула 1, во речиси непроменета форма“, посочува Јохен Херман, технички директор на Mercedes-AMG во германски Афалтербах и член на надзорниот одбор на Mercedes-AMG High Performance Powertrains во британски Бриксворт.

Ова е третпат на Mercedes-Benz да му се доделува наградата Dewar Trophy. Во 2009 година, наградата беше доделена за кинетичкиот систем за повраток на енергијата во Формула 1, а потоа во 2014 година беше одликуван и хибридниот погон PU106A од победничкиот болид во првенството.

Mercedes-AMG HPP во Бриксворт ја изработува целосната хибридна погонска спрега за Mercedes-AMG ONE. Пред погонските елементи да се испорачаат во Ковентри, за таму да се изврши нивна монтажа во возилото, се вршат строги тестирања, за да се осигура дека моќноста на погонот целосно се совпаѓа со декларацијата. Тестирањата се истите како кај погонските единици во самите болиди во Формула 1.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Gareth (@racingscalpel)

Освен во погонот, хиперавтомобилот се разликува и во сите други подрачја. Монококот е целосно карбонски, исто како и каросеријата и погонската единица од мотор и менувач што се носечки дел од конструкцијата. Врвна технологија претставува и активната аеродинамика, како и подвозјето со Push-rod.

Во неколку подрачја, двоседот Mercedes-AMG ONE е дури и во предност пред Ф1-болидите. Тој поседува целосно приспособлив погон на сите тркала AMG Performance 4MATIC+ со хибриден погон за задната оска и електричен погон напред, со Torque Vectoring. Секако дека неколку километри може да се извозат чисто на струја.

Mercedes-AMG C 63 S во специјална серија F1 Edition

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобилски компании ги запираат рекламите на Твитер

Fiat 500 на струја, Фонтана ди Треви, 13 музичари, спектакл