Марката со среберната ѕвезда во последниве години притиска уште посилно на луксуз и ексклузивност, па е сосем природно што Автомобилската недела во Пебл Бич ќе послужи како бина за светот првпат да го види новиот Mercedes-AMG GT.
Полна е агендата на Mercedes-Benz Cars за претстојниот настан во Калифорнија, веројатно најпрестижниот собир од светот на автомоблизмот во светски рамки. Покрај претставување на новата генерација на Mercedes‑AMG GT, во Пебл Бич ќе доживее премиера и ексклузивно издание на родстерот Mercedes‑AMG SL.
На таков настан секако дека не смеат да недостигаат врвните модели што Штутгарт има да ги понуди, од својата најблагородна марка Mercedes‑Maybach. Поставата ќе ја дополнат два концептни автомобили, Vision One‑Eleven, како поглед десетина години во иднината, и Project Mondo G.
Настанот во Пебл Бич за Mercedee-Benz Cars претставува „магнет за заљубениците во автомобилите, што во првокласен амбиент ни отвора нови можности за лична средба со нашите марки“, објаснува директорката за маркетинг Фецер.
На автомобилската недела во Пебл Бич сакаме да поканиме на епохално патување низ времето и преку избрани икони од нашите марки да покажеме, зошто Mercedes‑Benz одушевува веќе 137 години
Бетина Фецер, директорка за маркетинг во Mercedes‑Benz AG
Светска премиера на новиот Mercedes‑AMG GT
Mercedes‑AMG има напишано важни историски поглавја во Пебл Бич, а за годинава има подготвено уште едно такво поглавје. На 72-от Конкурс д’Елеганс, спортската и перформанс-марка на Mercedes ќе одржи светска премиера на новата генерција на Mercedes‑AMG GT.
View this post on Instagram
Тоа е петти модел што самостојно е развиен во Mercedes-AMG, по SLS, по првата генерација на купето GT, на купе-лимузината GT со 4 врати и на SL. Вообичаено за голема премиера, Штутарт не открива многу за моделот, но најавува дека пропорциите на новиот AMG GT се сменети драстично. Моделот го задржува спотскиот и динамичен дух и „ги отелотворува високите аспирации на марката за перформанси и лускуз, како ниту еден друг модел од Афалтербах“.
Традицијата доаѓа до посебно значење на престижните настани, како што се Автомобилската недела во Пебл Бич и Конкурс д’Елеганс што следи веднаш потоа. Mercedes‑Maybach ќе го прикаже Maybach Zeppelin DS 7 Cabriolet од 1932 година, од приватна збирка, а покрај него најновиот и чисто електричен Mercedes-Maybach EQS 680 SUV.
Mercedes-Benz Cars пред две години ја воведе програмата за изработка по посебна нарачка Manufaktur, има новини за настанот во Калифорнија
Богатата клиентела ги обожува можностите што Mercedes-Benz ги понуди преку својата ексклузивна програма Manufaktur, па соодветно на големата побарувачка воведува постојани новини. На калифорнискиот настан ќе биде прикажан Mercedes‑AMG S 63 E PERFORMANCE, како пример што сé може да се изведе по нарачка и со доволно пари за тоа.
Меѓу посебните настани во Пебл Бич секако дека важно место ужива премиерата на специјално лимитирано издание од Mercedes-AMG SL, родстерот дизајниран од македонскиот маестро во Штутгарт, Славче Таневски
Mercedes‑Benz Heritage ќе го отвори настанот со воведната тура на 16-ти август, на легендарниот Highway 1 долж Западниот Брег, од Лос Анџелес кон Пебл Бич. Во следниот ден официјалниот настан Тур д’Елеганс, со којшто се одбележува почетокот на автомобилската недела во Пебл Бич.
Колоната ќе ја предводат два ексклузивни модели на Mercedes‑Benz со механички компресор, од генерацијата W 06. Едниот е Typ S (Sport) со четири седишта, од 1927 година, додека вториот модел е три години помлад и своевремено бил изработен за Махараџата од Камир – станува збор за Typ SS „Super‑Sport“ Cabriolet.

Уште неколку извадоци од агендата на Mercedes-Benz Cars
- 20-ти август, Пебл Бич Конкурс д’Елеганс
- Прогласување на „Best of Show“; Mercedes‑Benz често победувал на изборот (последен пат во 2021 година, со Mercedes‑Benz 540 K Autobahnkurier во сопственост на Артуро и Дебора Келер)
- Од 17-ти до 19-ти август, Mercedes‑Benz Star Lounge, изложба на класични автомобили (Mercedes‑Benz 600 – W 100 – и Mercedes‑Benz „Pagode“ SL од генерацијата 113 од 1963 година, тематска изложба за историјата на E-Class)
















