за

Хибридниот Mercedes A-Class поевтин од топ-дизелот

Mercedes A 250 e
Mercedes A 250 e

Mercedes штотуку започна со производство на плагин-хибридната изведба на A-Class. Моделот што во ознаката се разликува единствено по буквата „е“, со бензинец со 160 КС и електормотор со 102 КС, во македонскиот ценовник чини помалку од топ-дизелот A 220. Тоа е резултат од даночната привилегија за овој вид на погон.

Новиот данок за возила што стапи на сила на 1-ви јануари и требаше на возилата со ниска емисија на штетни гасови да им обезбеди одредена привилегија во поглед на даночното оптоварување, генерално воведе повеќе неред, отколку ред. За возилата со хибриден погон, како најпродавани во оваа категорија, сега се плаќа полниот данок, додека кај возилата со плагин-хибриден погон се плаќа половина од данокот. Електричните возила, пак, кои сé уште спаѓаат во повисоките ценовни категории, ослободени се од данокот за возила.

Во случај на Mercedes A-Class, тоа донесе неколку интересни релации кај плагин-хибридната изведба со ознака 250 e, која стартуваше со производство пред неколку денови во фабриката во Раштат. Новиот модел во понудата на марката со сребрената ѕвезда, достапен во изведба со пет врати и во класична лимузинска изведба, чини исто колку топ-бензинецот A 250, а помалку од топ-дизелот A 220d со неговите 190 КС и нов 8-степен менувач со двојна спојка.

Лимузинската изведба на A-Class чини 500 евра повеќе од изведбата со пет врати; Спринтот за помалку од седум секунди не укажува на автомобил што во штедливоста ги надминува сите
New photo by Automedia MK / Google Photos

Конкретно, цената на плагин-хибридниот Mercedes A 250 e во Македонија изнесува 37.980 евра, бензинецот A 250 чини десет евра повеќе, додека за A 220 d треба да се издвојат 38.480 евра или 500 евра повеќе отколку за „е“, како што е ознаката на оваа погонска варијанта. Токму половичното ослободување од данокот за возила, прави 250 е со понапредната погонска техника да чини исто колку „класичниот“ А 250.

Електромоторот, литиум-јон батеријата, трансформаторската секција, специфичната и побогата опрема на плагин-хибридниот Mercedes A 250 e практично следуваат бесплатно, поради половичното даночно ослободување за плагин-хибридните возила

Моделите со плагин-хибриден погон се дел од стратешката цел на Mercedes, половина од продажбата на возила до 2030 година да отпаѓа на возила со електрифицирана или целосно електрична погонска спрега. Буквата „е“ во ознаката, сосем јасно се однесува на електриката, односно на EQ Power.

Хибридниот модул што се вградува во A-Class е мошне компактен. Електромоторот е вграден во самиот осумстепен менувач со двојна спојка. Првпат во Mercedes, моторот стартува со помош на електромотор, место со класичен стартер (анласер). Моќноста на електромоторот изнесува 75 киловати, односно 102 КС.

Со седумдесетина километри досег на струја, може комотно да се патува секој ден до работа со погон на струја и батеријата да се полни на два или три денови
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во комбинација со бензинскиот четирицилиндарец од 1,33 литар, со директно впрскување и турбонатполнење, се постигнува системска моќност од 218 КС и вртежен момент од 450 њутнметри. Благодарение на електромоторот, поаѓањето е моќно, но и возачкото искуство што следи потоа не е помалку импресивно. Стартот до темпо сто трае 6,6 секунди, крајната брзина изнесува 235 km/h.

За напојување на електромоторот служи литиум-јон батерија со капацитет од 15,6 киловатчасови. Како суштинска разлика на плагин-хибридниот погон, наспроти класичниот хибрид, батеријата може да се приклучи за полнење на обичен приклучок за струја, како и на полнач со наизменична или еднонасочна струја. Со полна батерија и во идеални услови, A 250 e може само со енергијата во батеријата да извози до 70 километри, пред да се вклучи бензинецот. Батеријата е од сопствена продукција и тежи 150 килограми, вклучувајќи систем за водено ладење. При користење ѕиден полнач со моќност од 7,4 kW, што се поставува на пример во гаража, полнењето трае 1 час и 45 минути (од 10 до 100%), додека на брз полнач, процедурата трае 25 минути (од 10 до 80% наполнетост).

Иако компоненти од хибридниот погон се сместени под подот, во багажникот на лимузинската изведба пак остануваат пристојни 345 литри
New photo by Automedia MK / Google Photos

Постојат неколку конструкциски разлики со изведбите со обичен погон. Издувот не продолжува до опашот, туку завршува во средината на подот, а придушувачкиот лонец е сместен во средишниот тунел. Резервоарот е поместен до задната оска, со што е добиен простор за батеријата да се постави под задната клупа. Багажникот е смален незначително.

Како трета генерација на плагин-хибридниот погон на Mercedes, при заедничката работа на електромоторот и моторот се земаат превид и податоците од навигацијата, за свијоците што претстојат, за нагорнина или надолина и слично, со цел да се постигне најголемата можна заштеда.

Трите каросериски изведби со плагин хибриден погон во гамата на A-Class; Погонот наскоро ќе се вградува и во останатите изведби во гамата на компактниот модел
New photo by Automedia MK / Google Photos

Возачот може директно на воланот да избира меѓу пет различни силини на степенот на рекуперација, односно на „моторното сопирање“. При спуштање или пуштање под залет, електромоторот работи како генератор и ја полни батеријата. Во одредени ситуации, возачот може да избере максимална рекуперација и воопшто да не ја користи педалата за сопирање.

Уште една привилегија на плагин-хибридниот A-Class е можноста климатизацијата преку мобилна апликација да се вклучи пред да се седне во возилото, за кабината да биде соодветно загреана или изладена. Mercedes посочува и на убедливиот капацитет за влечење приколка, конретно станува збор за 1.600 килограми. Наскоро стартува и производството на B-Class во изведбата 250 e, цената за овој модел во Македонија изнесува 40.990 евра. За лимузинската изведба A 250 e Sedan, цената е 38.490 евра.

Технички податоци · Mercedes-Benz A 250 e / A 250 e Sedan

A 250 e
A 250 e Sedan
Погонска единица

Плагин-хибрид

Гориво

Бензин

Цилиндри

4

Напојување

Директно впрскување

Натполнење

Турбо

Вентили

4

Зафатнина

1332 ccm

Моќност

160 kW (218 КС)

Вртежен момент

450 Nm

Погон

Напред

Пренос

Менувач со двојна спојка, 8 степени

ДИМЕНЗИИ [mm]

Должина

4419

4549

Ширина

1796

1796

Висина

1445

1446

Меѓуоскино растојание

2729

2729

Круг на вртење

11,0 m

11,0 m

Багажник

310 / 1125 L

345 L

Празно возило

1680 kg

1700 kg

Носивост

475 kg

475 kg

Тежина на приколка

1600 kg

1600 kg

ПЕРФОРМАНСИ

0-100 km/h

6,6 s

6,3 s

Крајна брзина

235 km/h

250 km/h

Потрошувачка на гориво

1,4 L/100 km

1,4 L/100 km

Досег на струја

68 km

69 km

Емисија на СО2

33 g/km

32 g/km

Потрошувачка на гориво, просек според WLTP

1,1 L/100 km

1,1 L/100 km

Потрошувачка на струја, шросек според WLTP

17,7 kWh/100 km

17,4 kWh/100 km

Емисија на СО2

според WLTP

25 g/km

24 g/km

Големина на батерија

15,6 kWh

15,6 kWh

Времетраење на полнење

На обичен приклучок (2,3 kW): 5,5 часови до 100% ; На ѕиден полнач (7,4 kW): 1,75 час до 80% ; На брз полнач (DC): 25 min до 80%

Цена во Македонија (во евра)

37.980

 

38.490

Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ цела Македонија (Дел 1)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

брзинско ограничување знак

Германците пресметаа: Темпо 130 по автопат ќе спречи 1,9 милион тони СО2

Audi e-tron S

Audi e-tron доби спортска изведба со 503 КС и три електромотори