за

Audi e-tron доби спортска изведба со 503 КС и три електромотори

Audi e-tron S
Audi e-tron S

Исто како што традиционалните модели во понудата на Audi имаат своја спортска изведба, така и електричните e-tron и e-tron Sportback отсега ќе буидат достапни во S-верзија. Трите електромотори, од кои два се наоѓаат на задната оска, краткотрајно постигнуваат вкупно 370 kW, односно 503 КС. Максималниот вртежен момент е на праг на 1 килоњутнметар (973 Nm).

Спортските изведби на електричните СУВ-модели на Audi спринтуваат за 4,5 секунди до темпо сто – речиси безшумно и со леснотија. Интелигенцијата на погонот овозможува врвна динамика во свијоци, но во исто време и безбедно возење во сите услови. Посебноста на електричниот погон на e-tron е во тоа што „компјутерот“ може до задното тркало од внатрешната страна на свијокот да испорача помалку вртежен момент, отколку на надворешното тркало на задната оска. Тоа е електрична верзија на ценетиот Torque Vectoring, и секако, многу повеќе делотворна.

Крајната брзина е ограничена на 210 километри на час. Вешто изведеното ладење, овозможува електромоторите во времетраење од по 8 секунди да испорачаат 370 kW и 973 Nm. Тоа се постигнува кога бирачот на програма за возење е во положба S. Кога тој останува во D, моќноста изнесува 320 kW (435 КС), вртежниот момент 808 њутнметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Техничарите на Audi се погрижија распределбата на њутнметрите од погонот да биде повеќе со нагласок на задната оска, со цел да се постигнат возни својства како на спортски автомобил. Кога контролата на стабилноста ќе се префрли на Sport, а за работата на подвозјето и погонот (Audi drive select) ќе се избере динамичен режим, тогаш може да се изведе и дрифт.

Audi се пофали дека S-верзиите на Audi e-tron се први електрични автомобили со три електромотори, што доаѓаат од големосериско производство

Поголемиот електромотор, кој инаку обезбедува погон за задната оска кај Audi e-tron 55, во верзиите S се вградува напред и постигнува 124 kW, односно краткотрајно 150 kW (204 КС). Помалиот електромотор, пак, работи назад и претрпе неколку преправки – но и придружба од уште еден таков електромотор. Двата електромотори назад испорачуваат 196 kW, односно 264 kW во спомнатиот буст, којшто трае до осум секунди.

New photo by Automedia MK / Google Photos

При нормално возење, погонот доаѓа само од задните електромотори. Предната оска се вклучува во игра, кога возачот ќе побара уште посилно забрзување, исто како и во услови на послаб контакт со подлогата или во брзи свијоци.

По 40 години од воведувањето на технологијата quattro, Audi применува сосем нов принцип на погон на сите тркала во e-tron: Тоа резултира во уште подобри возни својства и уште повисока брзина во свијоци

Двата прототипи што учествуваа на фото-сесијата, пред планираната премиера на салонот во Женева (кој е откажан поради корона), возат бандажи од 20 инчи со 5 краци во V. Со доплата може да се испорачаат и бандажи од 21 или 22 инчи. Ширината на гумите во сите три случаи изнесува 285 милиметри. Предните сопирачки дискови од 400 милиметри доаѓаат во комбинација со 6-клипни сопирачки клешти напред, секако во црвена боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во прилог на возачкото искуство оди и прогресивното спортско управување, коешто има променлив преносен однос, односно аголот за којшто се завртуваат предните тркала се зголемува, како што воланот се врти повеќе. Предната и задната оска се мултилинк, односно се изведени со по пет водилки. Амортизацијата е посебно дотерана во насока на спортско возење, а воедно се зајакнати и стабилизаторите, заради намалување на страничното навалување.

Полнењето исто така е брзо: На екстра брзите полначи на Ionity, со моќност до 150 kW, полнењето од пет до 80% трае половина час

S-верзиите се препознаваат по поострите контури на предниот и задниот браник, со тоа што дифузорот се протега по целата ширина на опашот. Крилата се проширени за 23 милиметри. Уште неколку сребрени детали го заокружуваат настапот на електричните СУВ-модели.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes A 250 e

Хибридниот Mercedes A-Class поевтин од топ-дизелот

Volkswagen T-Roc Cabriolet

Кабриолетот од VW T-Roc доаѓа од истата фабрика со Beetle Cabrio