Автоматските менувачи постепено го преземаат водството на главните пазари во Европа. Производителите моментно нудат неколку варијанти на автоматски менувачи. Кои се разликите меѓу нив?
Секој „автоматски“ менувач не е автоматски менувач. Кога порано ќе се спомнеше овој вид менувачи, се мислеше на автоматски менувач со претворач на вртежниот момент. Тоа е голема и тешка конструкција, којашто овозможува неколку преносни односи, односно „брзини“, со помош на неколку планетарни преносници. Овие менувачи работат мошне меко и без прекин на влечната сила. Данокот за овој комфор е во тоа што постарите менувачи одземаат од моќноста и ја зголемуваат потрошувачката на гориво. Покрај тоа, комплексната техника прави менувачите да бидат скапи.
Подостапна алтернатива се автоматизираните мануелни менувачи. Нивната конструкција во најголемиот дел е иста со класичните мануелни менувачи. Разликата е во тоа што хидраулично задвижувани цилиндри и електрични сервомотори го заменуваат притискањето на педалата на спојката и ги менуваат степените на пренос. Релативно едноставната конструкција и сличноста со мануелните менувачи овозможува цената да биде пониска.
Едноставните автоматизирани менувачи сепак заостануваат далеку зад комфорот на автоматскиот менувач. Префрлувањето од еден во друг степен трае предолго и возилата по префрлувањето обично „потскокнуваат“, слично како што им се случува на возачките почетници.
Менувачите со двојна спојка моментно нудат најдобар компромис меѓу цена и комфор; Класичните автоматици и натаму се ненадминати во комфорот
Тоа им успева многу подобро на менувачите со двојна спојка, иако тие во принцип спаѓаат во категоријата на автоматизирани менувачи. Некои производители ги водат под името директни менувачи. Нивната конструкција најлесно се разбира ако се замисли дека две различни половини од два менувачи се споени во еден. Едната половина служи за парните, другата за непарните степени на пренос.
Во делот од менувачот што во моментот мирува, уште пред префрлувањето се вклучува следниот степен на пренос. За да се изврши промената, потребно е само едната спојка да отвори, а другата да затвори. Тоа значително го скусува менувањето на степените и функционира без прекин на влечната слика, односно чувството е слично како кај „вистинскиот“ автоматски менувач со претворач на вртежен момент. Менувачите со двојна спојка обично се поштедливи од класичните автоматици, бидеќи постигнуваат повисока ефикасност – дополнително на тоа се и подостапни.
Toyota го усоврши безстепениот менувач во своите хибридни модели и повеќе не се чувствува „завивањето“ како пред неколку децении
Постои уште еден вид автоматски менувачи. Тоа се менувачите чијшто преносен однос се менува постојано – тие уште се нарекуваат и безстепени менувачи (CVT – Continuously variable transmission). Принципот на работа во основа се сведува исто на планетарни преносници, но разликата е во тоа што не постојат фиксни преносни односи, односно фиксни степени на пренос. Поради тоа што преносниот однос се приспособува постојано според моментните услови на возење, овие менувачи помагаат да се намали потрошувачката.

Од таа причина, Toyota веќе со децении го користи менувачот CVT како стандардна „состојка“ на сите свои хибридни погони. Тоа што бара привикнување е т.н. ефект на гумена лента: Возилото забрзува, но бројот на вртежи не се менува или се менува само незначително. Во последната генерација е постигнат голем напредок, така што овој ефект во голема мера е ублажен, а дополнително се вградуваат и „виртуелни“ степени на пренос.