за

Мазда очекува рекордна добивка од продажбата на СУВ со голема маржа

Мазда очекува СУВ-моделите на коишто постигнува висока маржа, како ЦеИкс-50 и ЦеИкс-90, да ѝ донесат рекордна добивка.

Добивката на Мазда пораснала за една третина во последниот квартал, благодарејќи на СУВ-моделите што се продаваат со висока маржа, како што се ЦеИкс-50 и ЦеИкс-90.

За одличните резултати придонесе и поволниот девизен курс, што водеше кон тоа јапонскиот производител да ги зголеми предвидувањата, и во тековната фискална година да цели на рекордна добивка.

Новото, подобрено предвидување за деловната година цели кон историски рекорди за марката, во поглед на прометот, оперативната добивка, чистата добивка, како и во бројот на продадени возила во САД, во тековната фискална година што завршува на 31-во март 2024.

Клучната заслуга за зголемената добивка ја има сé поважниот северноамерикански пазар, којшто учествува со околу 40 проценти во светската продажба на производителот на автомобили од Хирошима.

При објавувањето на финансиските резултати во четвртокот, директорот за финансии Џефри Гајтон кажа дека Мазда очекува продажбата во САД во тековната фискална година да постигне рекорд со 389.000 возила.

Тоа би претставувало раст од 22 проценти во однос на 301.000 возила, што биле продадени во претходната година. Сé уште е актуелен рекордот од 1986 година, со продадени 379.843 возила.

Продажбата на Мазда во САД опадна за 7,2 проценти во октомври, што се случува првпат во последните неколку месеци.

Според Гајтон, падот во изминатиот месец бил предизвикан од слабата залиха од автомобили, посебно од моделите ЦеИкс-5 и ЦеИкс-30. Тоа, пак, се должи на проблеми во логистиката, особено на проблемите со ниското ниво на водата во Панамскиот Канал, што го ограничи протокот на бродовите. Залихите на Мазда во САД покриваа 20-дневен период на 1-ви август, односно 23 денови на 1-ви септември.

Финансискиот директор понатаму објаснува дека дел од американските купувачи се префлиле од поскапите и поопремени модели, на подостапни понуди, поради зголемените камати.

За претстојниот период, Мазда очекува да се врати продажната динамика на пазарот во САД. Залихите кај дилерите на 1-ви ноември се покачија на 42 денови, а Гајтон предвидува и дека каматите повеќе нема да растат.

„Во целина, веруваме дека ќе успееме да постигнеме рамнотежа меѓу побарувачката и капацитетот на фабриките и логистиката“, коментираше Гајтон за рекордната продажба во САД. „Според тоа, силно сме уверени дека ќе го достигнеме планот за продажба.“

Во вториот квартал во фискалната година на Мазда, што заврши на 30-ти септември, оперативната добивка на компанијата порасна за 33 проценти и достигна 667,3 милиони долари, наспроти 500,5 милиони лани.

Робусната продажба на попрофитабилните модели од повисоките класи, како што е СУВ-моделот ЦеИкс-90, ја зголеми оперативната добивка за 162,8 милиони долари. Во исто време, слабеењето на јенот во споредба со доларот и еврото додаде уште 60,0 милиони долари.

Чистата добивка остана непроменета со 475 милиони долари, иако прометот во трите месеци се зголеми за 20 проценти, на 8,24 милијарди долари.

Светската продажба на Мазда се зголеми за 9 проценти, со 308.000 возила, вклучувајќи 22 проценти раст на пазарот во Северна Америка, со 123.000 возила.

Во Европа, втор најголем пазар за Мазда, продажбата се зголеми за 25 проценти и достигна 46.000 возила. На тоа следи пад од 8 проценти во продажбата во Јапонија, со 39.000 возила.

За фискалната година што завршува на 31-ви март 2024, Мазда очекува глобалната продажба да порасне за 16 проценти, на 1,29 милион возила. За Северна Америка се предвидуваат 32 проценти раст и 537.000 возила, додека прогнозите за Европа се 193.000 возила и раст од 20 проценти.

Прометот се очекува да се зголеми за 25 проценти, на 32,2 милијарди долари, за оперативната добивка се очекува раст од 76 проценти и 1,67 милијарда долари, додека чистта добивка би требало да порасне за 19 проценти, на 1,14 милијарда долари.

„Тоа ќе бидат најдобрите резултати во историјата на Мазда“, коментира Гајтон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фиат 500 го престигна Голф како најпродаван модел во Германија

Унијата на пат да ја ублажи нормата Еуро 7 по гласањето во парламентот