Зголемен промет, зголемено и производството. Германската компанија Liqui Moly лани првпат произвела повеќе од 100.000 тони моторни масла, адитиви и други средства за подмачкување.
Повторно рекорди од Liqui Moly. Познатиот германски производител Liqui Moly во минатата година оствари промет од 733 милиони евра или за 20% повеќе отколку во предминатата година. Пандемија, недостиг од суровини, прекинати синџири од добавувачите – 2021 беше уште една тешка година за индустријата. Директорот на Liqui Moly, Ернст Прост, објаснува за успехот на компанијата: Во такви услови се докажуваат тие што не се капетани само при убаво време, туку можат и при невреме да го управуваат својот брод безбедно.“
Рекордната година во компанијата од Улм се навестуваше откако во секој месец меѓу февруари и ноември се бележеше нов рекорд. Таква успешна серија, компанијата имаше последен пат пред десет години, кога и стопанството врвеше без потешкотии. Коментарите на директорот Прост се посебно мотивирачки во овие времиња: „Некои конкуренти капитулираа пред проблемите и повеќе не беа во состојба да ги снабдуваат своите клиенти со производи. Тие клиенти со развени знамиња дојдоа кај нас, затоа што ние не се откажавме и покрај сите тешкотии останавме во состојба да испорачуваме.“
Liqui Moly пред извесно време започна нова деловна гранка, станици за точење гориво во Германија и во Австрија. Овој бизнис лани пораснал за 12 проценти. Раст има и во извозот, со впечатливи 28 проценти плус. Во САД, како најважен извозен пазар, бизнисот напредувал за 50 проценти, додека во Италија бил постигнат напредок од 100 проценти.
Пред десет години нашиот промет изнесуваше 343 милиони евра. Кога најавивме дека целиме на милијарда евра промет, бевме исмеани. Сега се приближуваме кон милијардата“, се присетува Прост.
Компанијата лани го зголемила и бројот на вработени на 1.008 лица, за 19 повеќе отколку преклани.
>>> Одобренијата за моторни масла од авто-марките не секогаш се за верување