На бројните системи за асистенција што Lexus ги вградува во своите модели им се придружува уште еден. Safe Exit Assist е електронски регулирана внатрешна рачка за отворање врата. Веќе доаѓаат и првите награди, има добри изгледи за иднината на овој систем во целата бранша.
Третата генерација на Lexus NX доаѓа со важна иновација, што внесува нова димензија во безбедноста. Премиум марката на Toyota отсекогаш придавала големо внимание и на безбедноста. Новиот СУВ-модел од средната класа донесува повеќе новини во тоа подрачје.
Главната иновација е системот Safe Exit Assist. Системот го сочинуваат електронски контролирана внатрешна рачка за отворање врата и радарот на системот што го предупредува возачот кога возило наидува од назад – Blind Spot Monitor. Кога има опасност, со отворањето на вратата да се попречи патот на возило или на велосипедист, светка предупредувачката светилка во ретровизорот, се слуша звучно предупредување и вратата не може да се отвори.
Како што објаснуваат од Lexus, новата функција е „исто како личен шофер да се увери дека патот е чист, пред да ја отвори вратата, за патниците безбедно да излезат од возилото.“
Lexus прв го комбинира овој систем со електронска рачка за отворање врата. Веќе пристигаат наградите. Ацвтомобилскиот клуб на Франција го одликуваше Lexus NX со титула на „безбеден автомобил“, во рамките на престижното прогласување на најдобрите автомобили за 2021 година. Според производителот, Safe Exit Assist може да биде делотворен во 95% од незгодите што се предизвикани со невнимателно отворање на вратите.
Новиот систем е само една ставка во третата генерација на Lexus Safety System +, што доживува премиера со Lexus NX. Подобрувањата се направени во насока на зголемување на бројот на сценарија на незгоди во коишто реагира системот, во алармирање на возачот и во активирање на сопирачките или зафат во управувањето, заради избегнување судир или смалување на повредите од истиот.
Усовршувањата во Pre-Collision System овозможуваат радарот и камерите да препознаат кога има пешак или мотоцикл во линијата на движење на возилото. Системите подобро препознаваат опасност при скршнување на крстосница, а нова е функцијата Emergency Steering Assist, што препознава кога возачот маневрира за да избегне пречка и му асистира, но се грижи за возилото да остане во својата лента. Автомобилот спречува и ненамерно силно забрзување при ниска брзина, на пример кога се вози во колона.
Интелигентниот радарски темпомат го подзабавува возилото кога има остар свијок напред, а веднаш препознава и кога возилото напред ја менува брзината. На тој начин се постигнува поприродна, „почовечка“ работа на системите. Кога возачот ќе пушти трепкач, престигнувањето се одвива попријатно, а исто и забавувањето е помеко, кога возачот ќе се престрои зад побавно возило.
Дигиталниот ретровизор се грижи за подобра слика ноќе и при лошо време
Опција е дигитален внатрешен ретровозор, со камера вградена назад. Предностите се гледаат најмногу ноќе и при лошо време. Ретровизорот сам се нагодува, кога ќе се натвоари потежок товар во багажникот или при полна натовареност. Уште понапредна опција кај Lexus NX е Extended Safety Package, кој автоматски го престројува возилото откако возачот ќе пушти трепкач при возење по автопат. Интересна е функцијата на Front Cross Traffic Alert, кој предупредува за возила што возачот уште не може да ги забележи, додека тие се приближуваат кон крстосницата напред.
Во Тојота Авто Центар веќе го имаат новиот Lexus NX во агендата на новитети за следната година. СУВ-моделот во класа на Mercedes GLC и Volvo XC60 e солидно застапен на нашиот пазар, тоа е сепак најпродаваниот модел на премиум марката на Toyota кај нас. Има новина и во погонот. NX од третата генерација се нуди дополнително во изведба со приклучен хибриден погон, „со штекер“, а тоа значи и плаќање само 50% од данокот на возило.
Го имате посетено нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/ со податоци и цени за сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар? На следниот линк можете директно да пристапите до прегледот на сите модели на Toyota.