Toyota Yaris Cross имаше само еден проблем, тоа што не е Lexus

Директорите на Lexus предвидуваат дека градскиот кросовер LBX во Европа ќе се продава во 25.000 примероци годишно. Нарачките почнуваат во октомври.
Директорите на Lexus предвидуваат дека градскиот кросовер LBX во Европа ќе се продава во 25.000 примероци годишно. Нарачките почнуваат во октомври.

Кога Lexus пред пет години почна да го испитува пазарот за да лансира помал модел, што ќе биде дизајниран да им се допадне на европските купувачи, едно нешто беше јасно уште од почеток: Тоа ќе биде малечок кросовер со хибриден погон.

Резултатот е модел со ознака LBX, конкурент на Audi Q2 и Mini Countryman. Европските купувачи од 5-ти јуни веќе можат да почнат со конфигурирање на новиот модел преку вебсајтот на Lexus. Нарачките ќе почнат да се собираат во октомври, откако ќе бидат објавени цените. Се очекува просечната вредност на продадените модели да се движи меѓу 35.000 и 37.000 евра, посочуваат директорите на Lexus. Испораката ќе започне рано во 2024 година.

Европа се очекува да учествува со околу 2.000 примероци од Lexus LBX на месечна основа, од вкупно 3.500 планирани примероци месечно за светскиот пазар.

Околу 1.200 примероци месечно ќе се продаваат во Јапонија, каде што воедно ќе се одвива и производството на моделот. Преостанатите 300 примероци се наменети главно за Австралија и останатите пазари во регионот на југоисточна Азија. Кина и САД не се планирани како пазари на коишто ќе се нуди Lexus LBX.

Основата на LBX ја сочинува платформата TNGA-B, којашто ја користи и малечкиот кросовер Toyota Yaris Cross. Сепак постојат големи разлики меѓу двата модели, како во поглед на дизајнот, така и во конструкцијата и во техниката.

„Направивме голема утка во првиот обид,“ признава Сајмон Хамфрис, директор на бренд во Toyota Motor. Тој раководи со дизајнирањето на моделите од марките Lexus и Toyota.

Кога директорите биле поканети да го видат првиот предлог за дизајнот на LBX во полна големина, „ни се стемни … паднавме во мамката да направиме малечок автомобил со пропорции на малечок автомобил“, раскажува Хамфрис.

Проектот бил вратен на цртачката табла и било побарано да се направат крупни зафати во платформата. Како резултат, меѓуоскиното растојание е продолжено за 20 милиметри во споредба со Toyota Yaris Cross, но скусени се каросериските превиси, за должината да остане на 4.190 милиметри.

„Големите тркала, широките крила, соодносот меѓу каросеријата и кабината, сето тоа е калкулирано за да се внесе самодоверба и моќ што се над неговите димензии“, објаснува Хамфрис.

Еден мотор, две погонски изведби

Во Европа, LBX ќе се нуди со 1,5-литарски бензинец со три цилиндри, во пар со електромотор, со системска моќност од 136 КС и вртежен момент од 185 Nm, во комбинација со стандардниот електронски контролиран преносен механизам со постојано променлив преносен однос (eCVT).

Никел-метал-хидридната батерија располага со капацитет од два киловатчасови, со намалени внатрешни отпори и зголемена моќност, односно со способност да обезбеди чисто електричен погон на подолги растојанија. Други податоци уште недостигаат, единствено е наведено дека спринтот трае 9,2 секунди.

Исто како Yaris Cross, стандардната изведба има погон напред, а втората варијанта користи втор електромотор на задната оска, којшто со тоа обезбедува и погон на сите тркала.

LBX располага со низа активни системи за безбедност. Новината во нивоата на опременост е во тоа што тие се разликуваат повеќе во хоризонтала, отколку во вертикала. Како што објаснува Димитрис Трипоспитис, директор на Lexus за Европа, LBX ќе се нуди во четири нивоа на опрема – Elegant, Relax, Emotion and Cool. Меѓу овие нивоа ќе има само незначителна разлика во цената, затоа што опременоста е главно истата, разлики има само во материјалите во кабината.

Со изборот од четири материјали за седиштата, четири бои за безбедносните ремени, 15 бои за опшивката и два стила на изведување на вратите, заедно со девет еднобојни и седум двобојни изведби на каросеријата, LBX нуди индивидуалност што е невообичаена во малечките возила, објаснува Трипоспитис.

Шефот очекува LBX да ја зголеми продажбата на Lexus во Европа за 25.000 возила во текот на следната година, што е за една третина повеќе од планираните 70.000 возила за годинава.

Audi Q2 до април се продаде во околу 17.300 примероци, додека Mini Countryman не заостанува премногу, со околу 16.100 примероци.

Претходна објаваОвој автобус на Mercedes близу 40 години беше во служба
Следна објаваLancia Flaminia шест децении им служи на италијанските претседатели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here