за

Lancia на 15-ти април го почнува големото враќање на сцената

Концептниот автомобил што Lancia ќе го претстави за десетина денови е дизајнерска мустра што ќе ја следат новите модели на италијанската марка.

Lancia во викендот во средината на април ќе го прикаже пред светот концептниот автомобил, којшто ќе биде пример за дизајнерската насока на идните модели на марката.

Концернот Stellantis ѝ подготви враќање на сцената на Lancia. Тоа ќе се случи веќе в година, со почетокот на продажбата на новата генерација на градскиот престижен модел Ypsilon.

На сликите со коишто Lancia ја подгрева атмосферата пред првото појавување на концепниот автомобил пред јавноста, се забележуваат тркалезните светла во стилот на тркачкиот рели-автомобил Stratos од 1970-те години. На сликите исто така се забележува и новото лого на марката, како и новата типографија, формата на буквите, што италијанската марка ги прикажа уште лани во ноември. Lancia ја искористи таа пригода да пoкаже и дигитална макета од концептот наречен Pu+Ra, како игра на зборови од „pure + radical“.

„Lancia Concept е манифестот на марката за следните 10 години,“ порачува извршниот директор Лука Наполитано во соопштението.

Меѓу останатите посебности на дизајнот се наоѓа и тркалезниот сончев покрив, во којшто е изработено новото лого на марката. Истото важи и за хоризонталните линии во задното стакло, што потсеќаат на Lancia Beta HPE. Престижното комби-купе од 1970-те години имаше и препознатлива пластична облога на задните столбови.

Lancia е дел од групата премиум марки на концернот Stellantis, заедно со DS и со Alfa Romeo.

Легендарната италијанска марка остана со само еден модел во својата понуда. Градскиот модел Ypsilon се продава само во Италија. Stellantis планира да лансира нова генерација на Ypsilon во Италија во почетокот на 2024. Моделот понатаму ќе се понуди и на останатите европски пазари.

Десетгодишниот бизнис план на Lancia, што беше објавен лани во мај, се заснова врз три модели. Еден од нив е новиот Ypsilon, којшто ќе се нуди во хибридна и целосно електрична изведба. По него следи компактен кросовер во улога на знаменосец, планиран за 2026 година, веројатно под историското име Aurelia. Третиот модел ќе биде компактна комбилимузина, под името Delta, уште едно легендарно име од историјата на марката, што доаѓа во 2028 година. Двата модели ќе користат целосно електричен погон.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lancia Italia (@lancia_italia)

Во 2022 година на домашниот пазар беа продадени околу 41.000 примероци од Ypsilon. Тоа му обезбеди на моделот трето место по продажба во сегментот на премиум малечки модели. Прв беше Mini One/Cooper, со околу 99.000 примероци.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla Model Y најпродаван во февруари во ЕУ, Toyota втора најпродавана марка

Традиција долга преку 90 години: Двобојна каросерија кај Citroen