Сите тековни модели на Citroen, од градскиот C3 до крстосувачот C5 X, достапни се во изведба со двобојна каросерија. Тоа не е нова практика во франциската марка, туку е традиција што започна пред повеќе од 90 години.
Првиот модел на Citroen со двобојна карсоерија беше Rosalie, произведувана меѓу 1932 и 1938 година. Две десетлетија подоцна, луксузниот Citroen DS беше препознатлив и по изведбата со двобојна каросерија. Шемата остана иста до денес: Една боја за каросерискиот појас, друга боја за покривот.
Уште еден легендарен модел, 2CV, пуштен во продажба во 1948 година и денес една од најпрепознатливите икони на автомобилската индустрија, остана во производство дури до 1990 година и достигна 3,8 милиони примероци. Менаџерите мораа постојано да изнаоѓаат нов поттик за продажбата.
Во 1970-те години, Французите се потпираа на талентот и креативноста на сликарот Серж Геван и на тогашниот публицист на Citroen, Роберт Делпире. Тие осмислија две комбинации од бои за 2CV: Една комбинација од жолта и црна, другата комбинација од бела и портокалова. Таа нијанса на портокаловата боја има и свое име, Orange Ténéré. Така се роди 2CV Spot.
Фотографијата е преземена од https://2cvgarage.nl/en/For%20sale/2cv4-spot/

Серијата од моделот со бело-портокалова комбинација беше ограничена на 1.800 примероци и го погоди духот на публиката, првенствено на младите. Геван и Делпире во 1981 година се решија за комбинацијата од жолта и црна боја, и го претставија 2CV Charleston, за потоа во 1985 година да следи 2CV Dolly. Моделите постигнаа толку голем успех, што во рекламата за моделското 1986 годиште не се спомнуваа техничките својства на моделот, туку главното внимание беше поставено на боите: „Другите ги отвораат границите на техниката, ние отвораме боја,“ порачуваше рекламата.

Оттогаш се имаат појавено безброј двобојни модели и серии. Се користеа впечатливи бои, како смарагдно сина, или неутрални комбинации, како црно-бела, кај C4 Cactus и кај C3.
Бојата е клучна кај автомобилот. Таа може да ја нагласи формата или проопорциите, да истакне или да сокрие одредена линија, како и да создаде впечаток на брзина и динамика.

Светлите бои, како бела и сребрена, генерално се повеќе воочливи и се омилени. Потемните бои, како црна, графитна или модра, може да ги нагласат елеганцијата и префинетоста. Моќните и впечатливи бои, како жолта, црвена и портокалова, се нападни и повеќе се вообичаени за спортските модели.

Двобојното лакирање е сложена постапка. Прво целата карсоерија се лакира во една боја, а потоа се додава втората боја, зависно од моделот, само на покривот, или и на кровните столбови. Претходно мора да се заштитат деловите од каросеријата во основната боја, па потоа возилото се враќа во печка, за да се нанесе втората боја. Потоа следи темелна проверка на квалитетот, пред возилото да се врати на производствената лента.
















