Lada Niva меѓу големите малечки модели

Lada Niva Wiking
Lada Niva Wiking

Само најголемите автомобили во историјата ја имаат честа да бидат изработени во намален формат. Lada Niva досега отсуствуваше во понудата на големите фирми за модел-автомобили.

Lada Niva или по ново Lada 4×4, отсега може да се наоѓа и директно во дневниот салон или во канцеларијата. Навиката за работите што ни значат многу, да ги чуваме блиску до себе, доведе до тоа и рускиот теренски класичар да доживее модел-автомобил.

Производителот е Wiking, едно од најценетите имиња на сцената што и натаму опстојува во дигиталната ера. Несопирливиот теренец од Тољати е изработен во размер 1:87, кој е предизвик и можат да си го дозволат само најдобрите производители.

Смалената Lada Niva е изработена според годиштето 1994, во основната изведба и со каросерија во зелена боја. Колекционерите посебно ќе ги ценат деталите што ги има изведено Wiking. Во хаубата се забележуваат препознатливите рабови, страничните прозорци имаат рамки, па дури има и жлебови за собирање вода на покривот, капак на резервоарот и отвори за проветрување назад.

Деталноста на изработката е тоа што прави моделите на Wiking да бидат ценети меѓу колекционерите

Не недостигат ниту шарнирите на задниот капак. Предните светла се проѕирни, маската е со отвори. На предните седишта се забележуваат малите потпирачи за глава и поделената задна клупа. Во модел-автомобилот што е долг одвај пет сантиметри се изведени и инструментите во оригиналниот изглед, а воланот не е излеан заедно со таблата, туку е посебно вметнат.

Цената на страницата на производителот изнесува 14,99 евра. Производителот со долга традиција претставува нови модел-автомобили на секои два месеци. Lada Niva се очекува да биде достапна кон крајот на април.

Volkswagen T2 во размер 1:18 и во серија од 1.000 примероци

Претходна објаваВозач фатен со 210 km/h се оправдувал дека го избегнува вирусот
Следна објаваFord направи две милијарди долари загуба во првиот квартал

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here