Полициската единица против кражба на автомобили во Јорк, во подрачјето на Торонто/Канада, ја предупредува тамошната јавност за новиот систем што го користат крадците на автомобили.
Од почетокот на септември, канадската полиција открила пет случаи во коишто крадците на автомобили користеле техника од Apple. Бројот на автомобили што се украдени на тој начин се претпоставува дека е далеку поголем.
Крадците користат Apple AirTags, односно локализатори со пречник од 32 милиметри и дебелина од 8 милиметри. Местото на коешто се наоѓа локализаторот може да се открие со Apple iPhone. Малите уреди со напредна технологија првенствено се замислени за наоѓање затурени или изгубени клучеви, багаж и други предмети.
Системот работи на следниот начин: Ако iPhone што е вмрежен со AirTags не се наоѓа во непосредна близина на локализаторот, тој преку блутут испраќа податоци за местото на коешто се наоѓа до најблискиот уред Apple што е во досег. Тоа може да биде iPhone, iPad или iMac, кој потоа автоматски ја пренесува позицијата на локализаторот до податочен облак.
Уред што може да биде многу корисен во секојдневието им се покажа корисен и на крадците
На тој начин, сопственикот може да ја дознае позицијата на својот AirTag на оддалеченост од стотици километри. Во густо наделени подрачја, бројот на уреди Apple е толку голем, што системот дејствува совршено прецизно. Сите овие предности на AirTag очигледно ги откриле и крадците на автомобили. Во извештаите на канадската полиција на регионот Јорк, уредите AirTag биле сокривани, на пример, под поклопецот на приклучокот за струја за приколка.
Локализаторите на Apple им ја олеснуваат работата на крадците. Тие го сокриваат AirTags во возило што ќе го изберат за плен, за потоа да го следат автомобилот и ноќе да го украдат од пред домот на сопственикот.
Полицијата ги советува возачите да го паркираат автомобилот во гаража, затоа што повеќето кражби се случуваат на отворено, потоа советува возилото редовно да се проверува за присуство на „трагачи“, на пример, во приклучокот за струја за приколка или во поткрилата. Секако дека користењето механички уред за дополнително обезбедување на возилото е генерална препорака. Крадците го користат OBD-приклучокот за да го стартуваат возилото. Тој може да се заштити со посебни уреди, што се продаваат на пример преку онлајн трговските синџири.
Реагира и производителот Apple, со воведувањето на функција за спречување на недозволено следење на предмети или лица. Со оваа функција автоматски се добива порака кога некој туѓ AirTag подолго време се наоѓа во непосредна близина.
https://www.youtube.com/watch?v=ckqvG0Rj35I
















