Студија ја открива причината за рекордните резултати на најголемите производители на автомобили во светот, во време кога е намалена продукцијата поради недостигот од чипови и од материјали за автомобилските фабрики и се чека до половина година за испорака на нов автомобил.
Објаснувањето е многу едноставно. Ограничената количина од чипови што им стои на располагање, производителите на автомобили ја вградуваат во поскапите модели, од коишто се заработува повеќе.
Студијата ја објави познатата консултантска компанија Ernst & Young и во истата се наведува дека 16-те најголеми автомобилски концерни во светот, во последното тромесечје заработиле повеќе од кога било досега. Тоа се случува во време кога бројот на продадени автомобили е намален за 16 проценти. Оперативната заработка во споредба со истиот период лани се зголемила за 11 проценти и изнесува 23,1 милијарди евра, што е нов рекорд.
Микрочиповите се вградувале во скапите модели во коишто се постигнува повисока заработка. Покрај тоа, на купувачите повеќе не им се нудат високи попусти, затоа што пазарната побарувачка ја надминува понудата. „Браншата долго време нема доживеано таков развој на цените“, изјави експертот за автомобилизам во Ernst & Young, Константин Гал. „Дури и по смирувањето на кризата со полупроводниците во текот на следната година, цените уште извесно време ќе останат на сегашното ниво.“
Меѓу производителите на автомобили, сепак не владее славеничко расположение. Компаниите што досега имаа доволни количини полупроводници, во следниот период ќе се соочуваат со недостиг од материјали и со поскапување на истите. Корона може да доведе до понатамошни прекини во производството и пречки во снабдувањето. Кризата остава траги и меѓу добавувачите, сепак производителите и добавувачите на компоненти се соочуваат со исти проблеми.