Хит-кросоверот Kia XCeed ги доби основните моделски изведби

Хит-кросоверот Kia XCeed ги доби основните моделски изведби

Кросоверот XCeed беше големата завршница во понудата од моделски изведби околу матичната Kia Ceed. Моделот што донесе нов круг купувачи, и во марката и во моделското семејство на Ceed, сега е достапен и со основниот мотор со 120 КС и со пакети на опрема Vision и Advance.

Само големите моделски имиња се појавуваат на пазарот во таков манир. Стратезите во Kia точно знаеја каква еуфорија ќе предизвика кросоверот XCeed, како четврта моделска изведба во гамата на Ceed, па на моделот му организираа пазарен старт каков што обично имаат премиум марките за своите парадни коњи. XCeed ја започна својата кариера со најсилните мотори и со посебно скроено ниво на опрема Launch Edition.

Така се гради имиџот на моделите што живеат од имиџ – иако во случајот на XCeed постојат и практични вредности, не само стил и појава. XCeed го заокружи својот старт, изградувајќи имиџ на моќен, технолошки напреден и супер опремен автомобил. Стилски и самоуверен, секако. Со тоа созреа и моментот, за понудата во гамата на моделот да се прошири со основните мотори и нивоа на опрема.

https://photos.app.goo.gl/akYT5K395RZeG9zB7

Во понудата во гамата на XCeed на македонскиот пазар пристига верзијата со мотор 1.0 T-GDi со 120 КС, со ниво Vision и со промотивна цена од 18.550 евра, наспроти редовната цена од 20.550 евра. Новиот мотор што е достапен во понудата на кросоверот може да се комбинира и со повисокото ниво Advance, со промотивна цена од 21.550 евра. Средината во понудата од мотори му припаѓа на 1.4 T-GDi со 140 КС, со разлика во цена од 1.400 евра во споредба со еднолитарскиот T-GDi со 120 КС. Третата опција е дизелот 1.6 CRDi со 136 КС и цена од 21.950 евра во нивото Vision.

Дизелот и посилниот бензинец се достапни и во варијанта со 7-степен менувач со двојна спојка, со доплата од 1.950 евра. Фамозната GT-изведба, со 1,6-литарскиот T-GDi со 204 КС и подвозје дотерано на Нирбургринг, заедно со останатите моделски изведби во семејството на Ceed, засега не се појавува во понудата на Киа Моторс Македонија. Но, за тоа мора да се има предвид дека оваа марка ја има „моќта да изненади“, како што порачува со својот слоган.

Доколку се земе предвид противвредноста, XCeed 1.0 T-GDi со ниво на опрема Vision е несомнено една од понудите во коишто се добива најмногу автомобил (и содржина) за парите – сепак станува збор за модел што е во сродство со култниот Sportage

Со пристигањето во сегментот на цени што почнува со единица, XCeed и натаму е одлично опремен модел. Во нивото Vision, со коешто стартува и комбилимузинскиот Ceed, следат прилично убедливи ставки: Камера за рикверц и сензори, систем за следење лента, автоматски двозонски клима-уред, кожа на волан и менувач, темпомат, дисплеј од 8 инчи, алу-бандажи од 16 инчи, диодни предни и задни светла, магленки.

https://photos.app.goo.gl/jdTaQ2z6bM9e9eXQ7

Во споредба со матичниот Ceed, со промо-цена од 15.990 евра со истиот мотор, XCeed чини 2.560 евра повеќе, но затоа во нивото Vision нуди неколку ставки плус, меѓу другото автоматика и двозонска функција за клима-уредот или за еден инч поголем средишен дисплеј. Кросоверот сепак е стилскиот и имиџ-моделот во гамата, и како кросовер секогаш треба да нуди нешто повеќе – слично како со купе-моделите, чиешто место практично го пополнуваат денешните кросовери.

https://photos.app.goo.gl/fdcxEyjfTyBqtMCR7

Второто ниво на опрема Vision веќе преоѓа во луксуз, со навигација и средишен дисплеј од 10,25 инчи (26 cm), со дигитални инструменти со пречник од 12,3 инчи (31 cm), електрична паркирна сопирачка, собирање на ретровизорите и диодни трепкачи во ниц, затемнети стакла назад и алу-тркача од 18 инчи со гуми со димензија 235/45. Тоа се само најважните ставки во опремата што доаѓа во ова ниво.

Уште едно освежување што треба да се случи во гамата на XCeed е појавувањето на моделската изведба со плагин-хибриден погон, со капак на приклучокот за полнење на батеријата во предното лево крило и со даночно ослободување од 50 проценти.

Повеќе за моделот можете да прочитате во нашиот тест на Kia XCeed 1.4 T-GDI Launch Edition

Претходна објаваВистинските автомобили на годината се Porsche Taycan и Tesla Model 3
Следна објаваMercedes E-Class пак го направи тоа: Нов нос, вредностите стари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here