Најважниот новитет во освеженото моделско годиште на Kia Sportage е комбинирањето на дволитарскиот дизел со стартер-генератор во благ хибрид. Од тоа профитираат и штедливоста и комфорот при возење во град
Автомобилите на азиските марки имаат кус пазарен век. Додека првата генерација на Kia Sportage се продаваше цели единаесет години, на втората ѝ беа доволни само шест, а на третата дури пет години. Актуелниот модел е на пазарот од 2015 година, а наследникот може да се очекува околу 2020 година.
Компактниот СУВ е меѓу најпродаваните модели на Корејците. За тоа да не се смени, конкурентот на Volkswagen T-Roc долг 4,46 метри доби освежен изглед и стартер-генератор во комбинација со дволитарскиот дизел. Според тоа, Sportage отсега вози и како благ хибрид.
Напред се забележуваат нов браник со хромирана лајсна и модифицирана маска, а свежа форма имаат добиено и диодните светла. Во спортското ниво GT-Line дури и магленките користат диодни светилки. Спортските гени ги нагласуваат бандажи од 19 инчи и двојна издувна цевка.
Промените во внатрешноста се поскромни. Воланот е смален, инструментите и отворите за проветрување се редизајнирани. GT-Line дополнително има алуминиумски педали и црни кожени седишта.
Ecodynamic е името што Kia го користи за својот благ хибриден погон. Системот е комбиниран со дволитарски дизел. Следната година пристига нов дизел со зафатнина од 1,6 литар, кој ќе донесе уште пониска потрошувачка. Под благ хибрид се подразбира примената на електромотор, којшто е поврзан со моторот преку ременски погон и при палењето функционира како обичен стартер. Неговата корист е првенствено во тоа што се активира при забрзување, и со моќноста од 12 киловати, односно 16 КС, му помага на моторот, растоварувајќи го и на тој начин смалувајќи ја потрошувачката на гориво.
Третата фунција на стартер-генераторот е во претворањето на кинетичката енергија во електрична енергија при сопирање. Оваа енергија се акумулира во литиум-јон батерија, со капацитет од 436 Wh и напон од 48 волти.
И покрај тоа што во хибридната комбинација влегува класичен 8-степен автоматик со претворач на вртежен момент, потрошувачката според фабрика изнесува само 5,8 литри. Со SCR-техника и акумулациски катализатор за азотни оксиди, дизел-хибридот на Kia ја исполнува нормата Euro 6d Temp и испушта 153 грами CO2 на километар. Заштедата во гориво изнесува седум проценти. Моторот гасне кога возилото под инерција ќе забави под темпо 30.
За тоа придонесуваат и други фактори. Моторот е полесен за 15 килограми, триењето е смалено за 11,5 проценти, а се интервенирало и со неколку зафати за натамошно оптимирање на согорувањето.
Kia Sportage се испорачува и со два бензинци, со зафатнина од 1,6 литар и со моќност од 132, односно 177 КС. Посилниот агрегат оди и во комбинација со менувач со двојна спојка и погон на сите тркала. Дизелот исто така има 1,6 литар и постигнува 115, односно 136 КС. За посилната верзија може да се избере автоматски менувач и погон на сите тркала.
Благиот хибрид Ecodynamic наскоро ќе се примени и во компактниот Ceed, но таму ќе работи во комбинација со 1,6-литарски турбо бензинец.
Технички податоци · Kia Sportage Ecodynamic 2.0 CRDI AWD
Мотор: 4 цилиндри, дизел, 1995 ccm, турбо, директно впрскување
Моќност: 136 kW / 185 КС при 4000 / min
Вртежен момент: 400 Nm при 1750–2750 / min
Крајна брзина: 201 km/h
Забрзување 0 до 100 km/h: 9,5 s
Просечна потрошувачка: 5,8 L
Емисија на CO2: 153 g/km (Euro 6d TEMP)
Празно возило / Носивост: 1747 kg / 503 kg
Должина x Ширина x Висина (m): 4,46 x 1,86 x 1,66
Меѓуоскино растојание (m): 2,67
Багажник: 439 – 1428 L
Агол на пристап / на излез: 16,8° / 26,1°
Растојание од подлога: 172 mm
Приколка: 1900 kg
Круг на вртење: 10,8 m
Гуми: 225/60 R17


















