за

Што прави славеничката серија на Киа Спортаж да биде посебна

Специјалните серии на популарни модели обично го прескокнуваат нашиот пазар. Кај Киа Спортаж и тоа е различно. Специјалниот модел за 30 години на Спортаж е редовна понуда.

Киа Спортаж постои на пазарот подолго од три децении. Корејскиот производител секако дека не пропушти да го одбележи тоа со специјална серија што е посветена на јубилејот. Со посебности во изгледот и во опремата, Киа Спортаж Аниверсари Едишн додава дополнителна привлечност на бестселерот.

Киа Спортаж има бројни поводи да слави. Бестселерот на Киа во светски рамки, од 2017 година наваму, лани одбележа 30-годишнина. Во пет генерации, од компактниот СУВ се продадоа повеќе од 7 милиони примероци, со што Спортаж се вбројува и меѓу најпродаваните моделски серии на Киа воопшто.

Додека се чека да пристигнат бројките за декемвриската продажба, извесно е дека Киа Спортаж уште една година ќе заврши како најпродаван модел воопшто на македонскиот пазар на нови автомобили, со повеќе од 200 продадени возила, или во просек повеќе од 15 возила на месечно ниво. Тоа ѝ дава уште една основа на Киа да го одбележи успехот со специјална серија.

Таа на македонскиот пазар се води како Аниверсари Едишн и далеку е од тоа дека посебноста ѝ се сведува на две налепници со името на серијата и шарени тркала. Највпечатливиот дел се деталите во каросеријата што се изведени со изглед на темен хром. Овој благороден финиш со висок сјај се воочува во лајсната долж целата предна маска, во лакот околу магленките долу, потоа во долгата лајсна во црната основа во дното на вратите. Најголема површина во темен хром финиш е во завршетокот на задниот браник, што продолжува во стилизирана заштита на подвозјето, а на тоа следат уште лакови околу светлата долу.

Намерата очигледно била да не се остави површина од пластика, што е оставена без завршен слој. Маската е црна и сјајна, арките околу крилата се црни и сјајни, истото важи и за праговите и за задниот браник. Рамката околу прозорците, кровните шини, ретровизорите, задниот спојлер, нормално и тоа е во сјаен црн финиш.

Славеничкиот модел повеќе зема пример од ексклузивниот модел Спортаж ГТ

Тркалата имаат иста димензија како кај Киа Спортаж ГТ, што значи 235/50 Р19, меѓутоа дизајнот е различен и ексклузивен за Аниверсари Едишн, со пет краци што се разгрануваат. Финишот, нормално, во сјајна црна боја. Уште една посебност на „Аниверсари“ е волчјата сива боја на каросеријата, една од трите бои што се достапни за серијата, покрај црната и белата. Различно од другите пазари на коишто е достапна специјалната серија, македонскиот увозник ја вклучува металик бојата како стандард.

Тоа не е единствената разлика. Наспроти германскиот и уште неколку главни европски пазари, каде што Киа Спортаж Аниверсари Едишн добива и панорамски кокпит по целата ширина на инструмент таблата, затемнети задни стакла и пристап и стартување без клуч, Спортаж на нашиот пазар уште во „основната“ изведба Спортаж Концепт доаѓа со сите овие ставки вклучени во опремата.

Впечаток оставаат материјалите, што изгледот и хаптиката, односно чувството при допир, ги подигнуваат за едно ниво над традиционалните материјали

Пријатно изненадување е тоа што истиот обем на разлики во надворешноста, важи и по отворањето на вратите. Седиштата се обложени со материјал во маслинесто зелена боја, што ја отсликува посветеноста на Киа во заштитата на животната средина. Тоа е боја што дизајнерите ја „зајмуваат“ од природата и ја користат во целата моделска гама на марката. Кросоверот Киа Ниро го имаше своето деби токму со каросерија во маслинеста боја.

Познавачите на овој дел од стратегијата на Киа ќе забележат дека и сите бои на каросеријата ширум гамата на Спортаж се во нијанси што асоцираат на природата. Не залудно, Киа во своето мото порачува дека спротивностите се соединуваат – технологијата се соединува со природата. Станува збор за вештачки материјал што е замена за кожа, и материјал што добро ја прави замената. Тоа е денешниот свет, технолошки напреднат и во исто време свесен за животната средина – точно како што кажува Киа, спротивностите се соединуваат.

Една од најчитаните во серијата репортажи, со Киа Спортаж, долж течението на Бабуна

Kia Sportage на дело: По стариот пат преку Богомила до Прилеп

Материјалот во маслинеста боја се повторува и на потпирачите за лакт во вратите, во средишната конзола, тој става печат во внатрешноста. Во седиштата, исто како и во површините на вратите над потпирачите, дополнително е поставен и велур, што е пријатно и на допир и на око, како вистински контраст со површините во црна сјајна боја. Тоа е стил.

Возачкото седиште во Аниверсари добива електрично местење, воланот добива греење, задната клупа исто така има грејачи. Околу средишната конзола се поставени диодните лајсни за амбиентално осветлување. Назад е испочитуван просторот со потпирач за раце, што исто така е обработен со мек велур, заедно со дел од седиштата. Таванот и столбовите се црни, во стилот на ГТ.

Не е само до изгледот, туку има и корисна страна

Разлики меѓу Концепт и Аниверсари Едишн има и во опременоста. Во славеничката серија стандардно се вградуваат безжичен полнач за мобилни телефони, адаптивен темпомат, електрично местење на возачко седиште, но и предни адаптивни диодни светла и задни диодни светла. „Аниверсари“ е на половина пат до престижниот ГТ, којшто дополнително располага со електрично местење и за совозачкото седиште, вентилација и електрично отворање на задниот поклопец.

Со сите овие ставки во изгледот и во фуинкционалната опременост, Киа Спортаж Аниверсари Едишн доаѓа 3.200 евра над стандардниот модел со ниво на опременост Концепт. Наспроти 30.300 евра на Спортаж со 1,6-литарец со 180 КС и седумстепен менувач со двојна спојка и ниво Концепт, специјалниот Аниверсари Едишн чини 33.500 евра, во двата случаи со вклучен промотивен попуст.

Македонската Киа додава и дополнителна привлечност на моделот, со тоа што за „Аниверсари“ вклучува попуст од 2.000 евра, наспроти 1.000 евра за стандардните модели. Специјалните серии на Спортаж имаат традиција на нашата сцена. Во третата генерација на Спортаж, меѓу другото следеше гратис навигација, а претходничката ги изненади сите со огромниот интерес за Блек Едишн, со којашто воедно и заврши продажбата на 4-та генерација на Спортаж, затоа што клиентите стриктно ја бараа токму таа специјална изведба.

Со побарувачката не е различно и кај актуелната генерација, со тоа што привлечноста е поголема и разликите се повеќе воочливи од кога било досега. Различно од фразата дека некое возило чека купувачи, кај Киа Спортаж Аниверсари Едишн, купувачите чекаат да пристигне нова „шаржа“, затоа што интересот е голем.

Тоа е воедно и поентата на специјалните серии, да понудат повеќе, отколку што треба да се доплати над основниот модел. Но, треба да се има и автомобил за тоа. Киа ја има Спортаж.

Киа Спортаж Аниверсари Едишн во онлајн-каталогот со сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Kia Sportage 1.6 T-GDi 180 DCT7 2WD Anniversary 30

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Поло прво беше Ауди: Јубилеи на марката од Инголштат во 2024

Продажбата на Рено лани напредуваше за 9 проценти по четири години мирување