за

Добрите нешта доаѓаат во пар: Електричен Niro и хибриден XCeed во понудата на Kia

Почнува електрификацијата на Kia на македонскиот пазар. Niro првпат е достапен кај нас, XCeed дополнително нуди избор на приклучен хибриден погон. Испадна дека новините се многу побројни.

Сите да беа исполнителни како автомобилските марки, а под „сите“ обично се мисли на политиката, светот одамна ќе беше уште поубаво место за живеење. Како што дистрибутерот за Kia најави во почетокот на годината, пролетва во понудата на марката доаѓаат два важни новитети: Целосно електрична Kia Niro EV и нова погонска изведба на XCeed, со приклучен хибриден погон, односно со можност за батеријата да се приклучи на полнач.

Електричниот и хибридниот погон доаѓаат во македонската Kia без големи спектакли и ветувања. Дистрибутерот нема потреба да ветува нешто што и досега не е исполнето. Марката врви одлично, Sportage е традиционалниот бестселер на Kia од Вруток до Богородица, што лани се најде на третото место на најпродавани модели кај нас, по Toyota Corolla и Dacia Duster. За динамиката за годинава, говори фактот што Sportage во февруари беше најпродаван модел воопшто на македонскиот пазар, а Kia втора најпродавана марка, по Skoda.

Излезе дека, сепак, многу нешта во меѓувреме се поместени во понудата што марката ја има подготвено за македонските возачки и возачи. „Го креираме европскиот клиент во Македонија,“ кажува директорот на Киа Македонија, Владимир Билбилов. „Сакаме да создадеме европски клиент. Тоа е човек кој не купува автомобил на метар. Тоа е европскиот клиент. Тој за истите пари може некаде да вози модел од Ц-сегментот. Скромен модел. Но, европскиот клиент вели дека таков автомобил не му е потребен, тој сака модел од Б-сегментот, но таков што ќе содржи сé во себе, таков автомобил му е потребен на тој европски клиент,“ објаснува директорот.

Ова објаснување ја заокружува сликата за тоа што се случуваше со менаџирањето на марката на Sportage и Ceed на македонскиот пазар во последниве неколку години. Најновите промени сепак се однесуваат повеќе на моделите од почетокот на понудата на марката. „Во Kia не правиме конфузија, од аспект на градација на опрема според класата на којашто припаѓа одреден модел,“ вели Билбилов. Во браншата уште се случува, помалите модели кај одредени марки да се нудат со „смешни основни пакети што се веќе недолични за кој било бренд“. Место тоа, Kia се води според начелото „сé што поседува поголем автомобил, од повисока класа, кај нас го носи и најмалиот автомобил“, продолжува главниот стратег на Kia.

Познавајќи ги до најситна завртка моделите што се изложени во салонот во Скопје, директорот кажува: „Поентата е во димензијата и во големината на моторот. Затоа луѓето почнуваат сериозно да ги купуваат и моделите од Ц- и Б-сегментот.“ На возачките и возачите што бараат нивниот автомобил да поседува одредена ставка во опременоста, порано неретко им преостануваше единствено да изберат поголем автомобил, иако тој реално и не им е потребен. Но, тие купувачи сé уште „ценат функционалност, и ценат безбедност“. Тоа е пристапот на Kia, клиентите што бараат автомобил од помала класа, да не се ускратуваат во поглед на безбедноста и функционалноста, туку да им се понуди сé.

Тоа се однесува главно на Stonic, чијашто продажба во изминативе месеци бележи најголем процентуален раст. „Кога зборувам за Stonic, факт е дека Rio заминува. Б-сегментот се трансформира во Б-кросовер сегмент. Тоа е тренд кај сите брендови и ќе се случи секаде. Тука веќе ништо не апдејтуваме. Довршуваме со серијата и се поздравуваме со Rio, ќе си го паметиме моделот по убаво. Stonic ќе биде комплетен претставник на Б-сегментот во нашата марка. За да привлече клиенти, тој мора да ги задоволи и купувачите на коишто им се обраќаше Rio, но и клиентите во оваа категорија,“ ја опишува Билбилов поставеносста на моделите во актуелната понуда на Kia.

Stonic ќе биде достапен со посилен мотор

Една од новините кај Stonic ќе биде нов мотор во гамата. Менаџерите се решија втората погонска опција да биде 1. 4MPI со 100 КС, којшто исто така ги задоволува најстрогите норми за заштита на животната средина. Со овој мотор доаѓа и 6-степен мануелен менувач, којшто е важен за комфорот и штедливоста при возење по автопат, па тоа ќе биде адут плус за купувачите на Stonic. Еднолитарскиот T-GDi со 100 или 120 КС нема да се нуди во гамата на компактниот кросовер, меѓу другото и поради тоа што во тој случај со цената ќе се влезе во Ц-сегментот, односно ќе се совпадне со цените на Ceed.

Моделската 2023 година носи бројни новини и во гамата на Sportage, којшто учествува со повеќе од 50 проценти во продажбата на марката кај нас. Промените се состојат во тоа што гамата повеќе не нуди 4 сериски и еден „несериски“ модел, туку понудата сега е сведена на 3 сериски моделски изведби. „Имавме Sportage Reference 1, 2, 3, GT Line, и секако First Editon, којшто ланската година се покажа како најважен модел за да дефинираме што сакаме да биде Sportage на пазарот. Заврши првата година, заврши First Edition, нема Second Edition. Toj се трансформираше во Concept. Reference 2 повеќе не се нуди, затоа што е мошне блиску, но затоа Reference 3 се транформираше во Executive. GT Line останува непроменет,“ Билбилов ја претставува новата гама на бестсеперот на марката.

Кај Sportage Concept се достапни три различни погонски изведби: Мотор од 1.600 сантиметри кубни со 150 КС, во комбинација со мануелен менувач, потоа истиот тој мотор во верзија со 180 КС, но и со 7-степен менувач со двојна спојка, двата во верзија со погон напред. Третата верзија е 1.6 T-GDi со 180 КС, седумстепен менувач со двојна спојка и погон на сите тркала. Нивото на опременоста е исто во сите три изведби.

Executive е новото средно ниво на опременост, иако во основа се работи за едно од врвните нивоа за моделот, затоа што гамата на Sportage во Киа Македонија практично почнува од 3-то ниво

Средината во понудата му припаѓа на вториот нов пакет на опременост Executive, каде што единствено се нуди 1.6 T-GDi со 180 КС и менувач со двојна спојка, со погон напред. Станува збор за моделска изведба што и визуелно се разликува од Concept од претходно понудените изведби Reference. Бројни детали и решенија во финишот го облагородуваат Executive и го прават попрестижен. Улогата на најлуксузен модел ја застапува Sportage GT-Line. Таму „сé e еден број поголемо“, што се однесува и на големината на тркалата и на опременоста, но и на погонот на сите тркала. GT-Line секако внесува и дополнителна спортска нишка во појавата на Sportage и во внатрешноста.

Во поглед на опременоста, тоа што Concept го има повеќе од First Edition е Smart-Key, односно стартување на моторот на копче и пристап во возилото без клуч. Тоа значи дека класична брава повеќе не се нуди во целата гама на Sportage. Уште една важна новина е големата дигитална табла што изгледа како да е излеана во едно парче. Таа порано беше својствена само за Reference 3, додека од моделскта 2023 година, секој Sportage што излегува од салон на Киа Македонија поседува ваков впечатлив „детал“ во кабината.

„Во целина, ова возило има сé што треба да поседува, освен луксуз. Седиштата се местат механички, обложени се со платно, но сите карти ги ставивме на технологија, на најважните нешта. Тоа е убавината на овој продукт,“ ја опишува Владимир идејата при креирањето на изведбата Concept во гамата на Sportage.

Како фудбалери пред решевачки напревар, секој со посебна задача

Главниот менаџер ги цени своите модели поставени во салонот како тоа да се фудбалери пред решавачки натпревар, секој со своја задача: „Тоа ни е многу важен модел за оваа година, XCeed. Тука ќе се вложиме многу. Почнуваме од Executive, којшто ќе може да се визуелизира во салонот, како модел што е присутен на лагер. Concept тука уште не го форсираме, затоа што демографски се бара клиентелата на ова возило. Оваа година ќе потрудиме да креираме критичен волумен.“

Кога кажува за критичен волумен, Владимир мисли на круг на клиенти што ќе умеат да разликуваат меѓу СУВ, класичен модел од Ц-сегментот и кросовер. Промените што се случија со позиционирањето на Sportage во 2015 година, кога СУВ-моделот премина на повисокa специфкација, сега се случуваат кај XCeed. „Sportage си дефинира сопствена клиентела, меѓутоа тврдам дека во следната фаза, голем број од потенцијалните клиенти на Sportage ќе се префрлат тука, клиенти што немаат потреба од димензија, но пак сакаат нешто неконвенционално,“ прогнозира директорот.

XCeed се појави во времето на четвртата генерација на Sportage и постоеше релативно мала ценовна резлика меѓу двата модели, затоа што XCeed главно располагаше со многу полуксузна опрема, додека кај Sportage се негуваа поприземни пакети на опременост. „Сега се сменија местата. Покрај Sportage со мануелен менувач со цена од 29.100 евра без акција, XCeed чини 29.950 евра. Кога ќе се изнивелира со металик се добива дека разликата е 400 евра. Меѓутоа, ова е ова е XCeed Executive, којшто со опременоста е споредлив со Sportage за 38.500 евра,“ кажува Билбилов.

Моторот во XCeed Executive е исклучиво 1.5 T-GDi со 160 КС, менувачот е исклучиво DCT7, тркалата стандардно доаѓаат со големина од 18 инчи, опремата досега дури до ставки од типот на самостојно паркирање. Новината е нивото GT Line. Според опременоста, кросоверот во ова ниво е споредлив со Ceed GT-Line. Но, клучната разлика е под хаубата. Место 1,5-литарец со 160 КС, во XCeed работи 1,6-литарскиот турбо со 204 КС. Тоа се покажа дека е магнет за познавачите. XCeed GT Line во моментов нема на лагер, но е сосем извесно дека наскоро моделот пак ќе се појави во салон.

Kia XCeed GT Line во верзија со 1,6-литарец со 204 КС веројатно само во Македонија

Македонскиот пазар е веројатно единствен што ја нуди оваа комбинација, од опременост на Ceed GT Line, со моќност на Ceed GT, во каросерија на XCeed. Тоа е привилегија што произлегува од фактот што Киа Македонија самостојно ги креира спецификациите за нашиот пазар, место да продава моделски изведби што се наменети за некои други пазари.

Новопристигнатите моделски изведби со електрифициран погон не се помалку значајни. „За оваа и за годината што следи, успеавме да дојдеме до количина на автомобили што се лоцирани за нас, за да го поткршиме мразчето на електрификацијата,“ Билбилов ги пречекува новите Niro EV и XCeed PHEV во салонот. „Дали сме поборници на електрификацијата, тоа е нерелевантно, но овие модели е потребно да се имаат во салон. Условите се тие што ги имаме, од нас увозниците ништо не зависи, ниту ќе се сменат условите за експлоатација на електрифицираните автомобили.

Во почетокот, Киа Македонија ќе настапува консултативно пред заинтересираните купувачи за новите модели со целосно електричен, односно приклучен хибриден погон. Увозникот очекува дека тоа во основата е истата целна група, што до пред неколку години се решаваше за модели со класичен дизел во ценовната категорија до 40.000 евра. Со новите погонски варијанти, секако се отвора и дополнителен круг купувачи.

За цените и нивоата на опременост на Kia Niro EV и Kia XCeed PHEV ќе објавиме дополнително, а очекуваме хибридниот XCeed за мошне кусо време да ги извози своите тест-километри во Аутомедиа.

Деталните технички податоци ги позајмуваме од нашиот онлајн каталог за сите нови модели на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

https://avtosalon.mk/listings/kia-xceed-1-6-gdi-plug-in-hybrid-dct6/

Kia Niro EV

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo ги претрка сите со две награди за дизајн кај Auto Bild

Mini им давал сладоледи на странските, но не и на домашните посетители на салонот во Шангај