за

Новата електрична Kia Niro со дизајнерски хајлајти од Sportage

На само неколку денови пред премиерата на новиот електричен Niro во Сеул, Kia прикажува цртежи од кросоверот. Стилот на Sorento и Sportage се шири низ гамата.

На домашен терен, на салонот за мобилност во Сеул, Јужна Кореја, Kia на 25-ти ноември ќе ја претстави новата генерација на електричниот Niro. 

На првите цртежи што го најавуваат новиот модел се наѕираат само контурите на Niro. Силуетата се очекува да се раководи според салонската студија Habaniro од 2019 година. Во изгледот на новиот модел секако дека ќе бидат применети обележјата на новиот дизајн на Kia, коишто го прават големото шоу кај новите генерации на СУВ-знаменосецот Sorento и на бестселерот Sportagе.

За разлика од студијата пред две години, серискиот модел ќе има значително поостри форми на каросеријата. Тоа се гледа најдобро во хаубата, во којашто дури се препознаваат и цитати од неодамна претставената студија EV9 во Калифорнија.

Формата на светлата е сменета само малку. Две испрекршени линии го формираат дневното светло. Формата на дводелните светла уште не се гледа јасно. Затоа, пак, се забележува хромираниот елемент под хаубата и браникот со назначена заштита на подвозјето.

Задното стакло остава впечаток дека е уште потесно во споредба со претходникот, а на цртежите се гледа и дека задните столбови се лакирани во контрастна боја со каросеријата. Исправените задни светла со форма на бумеранг изгледаат како да се преземени директно од студијата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Големи промени се случиле и во кокпитот. Главната заслуга ја има долгиот двоен дисплеј под заедничко стакло. Дизајнот на кокпитот многу потсеќа на електричниот кросовер EV6, кој има два големи дисплеи од по 12,3 инчи. Со новите дисплеи, во Kia доаѓа и новата генерација софтвер, вклучувајќи постојана онлајн-поврзаност на автомобилот. Од EV6 се преземени и воланот, заедно со дигиталното поле за ракување со климата. Може да има разлики во средишната конзола.

New item by Automedia MK / Google Photos

Исто како досега, Kia Niro освен во чисто електрична изведба, ќе биде достапен и како хибрид, односно како класичен хибрид ала Toyota и како приклучен хибрид. Вредности на досег од околу 100 километри за вториот случај се сосем за очекување според денешните стандарди.

Продажбата на новата Kia Niro веројатно ќе стартува во почетокот на следната година. Моделот ужива висока популарност на најголемите пазари во Европа, вклучувајќи ги и најголемите електро-пазари, Niro кај нас уште не се појавил со продажба, меѓу другото и поради тоа што автомобилските власти најмалку десетта година го немаат завртено листот на календарот.

>>> Новиот Kia Sportage е најпродаван автомобил во Кореја

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche со пет светски премиери на салонот во Лос Анџелес

Peugeot е лав и во Кина: Скулптура колку соба на штандот во Гуанжу