за

Возачите на Kia имаат најмалку проблеми со возилото, открива JD Power

Првпат во историјата на JD Power се појавува не-премиум марка на врвот на листата на марки со најиздржливи автомобили. Од третото место лани, Kia сега е прва.

Сопствениците на возила од вкупно 32 марки во САД, во ценетата студија на JD Power, пријавиле најмалку проблеми кај возилата од марката Kia. Тоа е скок од две места, на листата на најиздржливи марки автомобили, вклучувајќи и премиум марки.

Втора година по ред, сопствениците на Kia Sorento пријавиле најмалку проблеми со своето возило во студијата на JD Power во САД, во конкуренција на СУВ-модели од вишата средна класа. Тоа е само првата од двете добри вести за Kia. На марката што бележи мошне силно присуство на америакнскиот пазар ѝ припаѓа и насловот на марка што произведува најиздржливи возила.

Тоа го покажа најновата студија за 2022 година на JD Power, име чијшто студии се почитуваат како веродостојни на автомобилската сцена. Втора година во низа, Kia е најдобро пласирана големоволуменска марка во студијата, а првпат се случува и марка што не припаѓа во премиум сегментот да биде на самиот врв на листата на JD Power.

Наспроти просекот од 192 пријавени проблеми на секои 100 возила од страна на сопствениците на возила од сите марки, вредноста кај Kia изнесува 145 проблеми по 100 возила. Корејската марка годинава напредуваше до врвот, откако лани се пласираше на третото место.

Kia Sorento на нашето тест-возење по Кожуф во минатиот август

 Во истражувањето за издржливоста на автомобилите од JD Power учествуваа 29.487 сопственици на возила од 32 марки, во САД. Се оценуваа патнички автомобили и СУВ/пикапи од моделското годиште 2019, значи возила стари до три години. Годинава беа воведени построги критериуми за оценување, поради што и просечниот индекс за издржливоста се зголеми од 121 на 192 (проблеми по 100 возила). Поради тоа, бројот на дефекти што се земаа предвид во последната студија се зголеми за 59 проценти.

Дејвид Амодео, директор за автомобилизам во JD Power, ги толкува резултатите: „Некои производители на автомобили се поуспешни во спречувањето проблеми од останатите. Проблемите се однесуваат на механиката на возилата, на надворешноста и внатрешноста, но исто и на инфо-забавните системи, системите за асистенција и на останатите електронски системи во денешните возила.“

Компанијата 33 години го следи квалитетот на автомобилите. Во студијата се вклучени 184 видови проблеми во девет главни категории:

  • Климатизација
  • Системи за асистенција (новина во 2022)
  • Возење
  • Надворешност
  • Функции / контроли / дисплеи
  • Инфо-забавни системи
  • Внатрешност
  • Погон
  • Седишта

Меѓу новините во студијата од годинава спаѓа и општа оцена на сопствениците за степенот во којшто тие се задоволни од својот автомобил по три години користење. Тоа подразбира и оцена дали автомобилот уште ги одушевува како во првите денови.

Главните заклучоци во студијата за 2022 година:

Сопствениците на возила од големоволуменските марки се соочуваат со помалку проблеми отколку сопствениците на возила од премиум марките. Соодносот е 190 проблеми на 100 возила (PP100) кај првиве, наспроти 204 проблеми кај премиум марките (PP204). Причината е во фактот што во премиум марките се вградува поголем обем технологија, а со тоа расте и шансата за дефект.

Најчестите проблеми се јавуваат во системите за инфо-забава, седум од десет дефекти во студијата се однесуваат на тоа подрачје

Инфозабавните системи имаат индекс од 51,9 проблеми на 100 возила, тоа е најпроблематичното подрачје. Се разликуваат проблеми со препознавањето говорни команди (8.3 PP100); поврзување преку Android Auto/Apple CarPlay (5.4 PP100); Bluetooth (4.5 PP100); недоволно приклучоци / USB (4.2 PP100); навигација тешка за користење (3.7 PP100); дисплеј на допир (3.6 PP100) и непрецизна навигација / застарени мапи (3.6 PP100).

Најиздржлив модел е Porsche 911, тука нема промени од лани. Покрај Kia, во врвот на табелата се издвојуваат Buick (147 PP100), Hyundai (148 PP100), Toyota (158 PP100) и Dodge (166 PP100).

Во премиум сегментот предводи Genesis (155 PP100) пред долгогодишниот шампион Lexus (159 PP100), Porsche (162 PP100), Cadillac (168 PP100) и Lincoln (180 PP100).

Пет модели на Toyota се шампиони во своите сегменти: Lexus NX, Lexus RX, Lexus UX, Toyota Corolla и Toyota Tundra.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тоа е најбрзиот Mercedes: Едносед W13, троши 100 на час

Уште една за Peugeot 308: Награда од L’Argus за најдобар компакт